Македонија ни даде толку многу музика, велат од БГКО во пресрет на нивниот прв концерт во земјава

by Fokus

Интернационалниот музички состав Barcelona Gipsy balKan Orchestra (BGKO) на 11-ти декември во Македонската Филхармонија ќе го одржи својот прв концерт во земјава. Членовите на оркестарот откриваат дека едвај чекаат да дојдат во Скопје, и ветуваат многу музика и изненадувања за публиката.

„Се ближи нашиот прв настап во земјата која ни даде толку многу музика! На публиката ѝ ветуваме дека ќе добие емоции од нас на различни нивоа, а ние од истата очекуваме да му покажеме на светот дека сепак ова е Балкан! Низ нашиот репертоар за 10 години поминаа многу македонски песни, и нема крај на истражувањето на неисцрпните музички богатства на оваа земја, затоа и подготвуваме изненадување какво што моментот и го заслужува!“, велат членовите на БГКО.

Оркестарот на чело со Маргерита Абита од Сицилија, која пред светот ги изведува магичните интерпретации на безвременскиот класик „Море сокол пие“, „Македонско девојче“, „Јовано, Јованке“… во Скопје доаѓа во рамки на одбележувањето на 10-годишен јубилеј, а концертот е закажан со почеток во 20 часот.

Билетите за скопската дружба се продаваат преку продажната мрежа на МКтикетс, и се поделени во три категории и по цена од 1.000 и 1.200 денари, и 1.500 денари за ВИП влезниците. Инаку, освен Маргерита Абита, дел од Barcelona Gipsy balKan Orchestra (BGKO) се и Иван Ковачевиќ (контрабас, Србија), Стелиос Тогиас (перкусии, Грција), Жулиен Шанал (гитара, Франција), Чави Пендон, (кларинет, Шпанија), Пере Ноласк Туру (виолина, Шпанија) и Фернандо Салинас (хармоника, Шпанија).

-Различноста на членовите на бендот, како на географско и културно, така и на музичко ниво, доведува до создавање на веќе препознатлив звук, на кој сме многу горди, но, исто така, и свесни дека ни претстои многу работа, што е една од карактеристиките на нашето постоење и со која ја постигнавме оваа автентичност, велат членовите на БГКО, кои во Скопје доаѓаат по гостувањата низ Германија и Франција, а веќе на почетокот од следната година ги очекуваат концертите низ Шведска, Израел и други земји.

Поврзани новости