Македонија не учествуваше на изборот за ,,Мис на свет”: ВЛАДАТА НЕ ДАВА ПАРИ ЗА УБАВИЦИ

by fokus

Деветнаесет годишната Стефани дел Вале е најубавата девојка на светот, откако  победи на изборот за убавина „Мис на светот 2016“, што се одржа синоќа во Оксон Хил, близу Вашингтон.

Додека светската јавност ги бодреше своите претставнички во спектакуларното шоу, годинава Македонија немаше своја претставничка, поради финансиска криза.

Лидија Велковска, сопственичка на агенцијата ,,Мис М’’ која што е овластен организатор на изборот ,,Мис на Македонија’’ за ,,Мис на светот’’, неодамна изјави дека поради немање на спонзори кои што би ја поддржале, оваа година нема да учествуваме на најголемиот светски настан за убавина, но сите нејзини апели за финансиска помош со години наназад поминуваат без реакции и конкретна помош од било која државна институција.

Како мало потсетување, пред две години Лидија непосредно пред изборот, јавно побара финансиска помош од Маја, сопругата на претседателот Ѓорѓе Иванов. Тогаш апелираше дека и е потребен државен буџет за домашниот избор ,,Мис на Македонија’’ во висина од 35.000 евра, но од кабинетот на претседателот одговорија дека нема да ја поддржат манифестацијата.

,,Секоја година го имаме истиот проблем кога доаѓа време да се одбере убавицата која што ќе не претставува пред целиот свет. Не се работи за лоша организација на изборот, туку станува збор за тоа што јас сама максимално се трудам да ги обезбедам потребните финансии, но ми е потребна помош и од државата. Сепак, станува збор за нашата земја, таадевојка која што ќе замине на изборот доаѓа од Македонија, а Македонија треба да застане зад неа. Како што спортистите не претставуваат со годост низ целиот свет, како што тоа го прават фолкерите и поп пејачите, исто е и со мисиците. Уморна сум секоја година да гледам како се прави циркус од домашниот избор, како постојано сум посочувана како главен виновник што изборот поминал на ниско ниво, па затоа еве јавно апелирам до заинтересираните министерства, а секако и до госпоѓата Маја Иванова која што доста ја почитувам, да се најде трајно решение и да ми се помогне. Со само околу 35,000 евра годишно, јас ќе можам да го организирам целиот настан како што доликува.

Не сакам да се пишува за случки како на пример дека мисицата немала фустан за изборот, дека немаме доволно финансии да и купиме авионска карта и слично. Мислам дека не барам многу, и сега, кога изборот веќе е овде, си земам за право да се надевам дека конечно мојот апел ќе биде ислушан и иако за краток временски рок, дека ќе се најде некој да ми помогне’’ – ни изјави Лидија уште пред две години, непосредно пред одржувањето на изборот, додавајќи дека не сака да бара помош од бизнисмени бидејќи таквите спонзорства најчесто лошо влијаеле на девојките.

,,Има бизнисмени кои што не ја сфаќаат мојата работа сериозно. Тие  мислат дека ако на учесничките им обезбедат добра гардероба или на  бил кој начин финансиски ги помогнат, дека потоа девојките треба да се  врткаат околу нив. За мене тоа е еден вид на проституција и не  дозволувам девојките пријавени на мојот избор да бидат на било кој начин понижени или пак искористени.

Се грижам за нив, сакам и по изборот да им помогнам да останат во свеот на моделството и да продолжат да ја градат својата кариера. Работам чесно и знам дека го одбрав потешкиот пат, но сепак без помош од владата, не можам да го  понудам она што се очекува од овој избор. Кога може да се даваат  илјадници евра на разни фолк и поп фестивали, мислам дека е редно да  се одвојат средства и за овој престижен настан. Искрено се надевам  дека госпоѓата Иванова или пак министерката за култура Елизабета Канческа Милеска како жени ќе ме сфатат и ќе се обидат да ми  помогнат’’ – апелираше тогаш Велковска. Денес таа не одговори на нашите телефонски повици и пораки, со цел да дознаеме дали и годинава побарала помош од државни институции.

Вики КЛИНЧАРОВА

Поврзани новости