Македонија не учествувала во туѓа војна, ниту има што да понудиме за Украина

Како членка на НАТО, земјава учествува во расправата за донесување на одлука, но има право да биде воздржана доколку Алијансата одлучи да се вмеша во ситуацијата во Украина.

by Фокус

Македонската армија досега никогаш не учествувала во офанзивни дејства врз туѓа територија, тоа така треба да биде и во иднина, смета воено-политичкиот аналитичар Благоја Марковски, во контекст на украинската криза, која, според одредени најави и предупредувања, може да кулминира со воена интервенција на Русија во Украина и судир со НАТО, чија последна членка стана токму Македонија.

Како што посочува Марковски, кој е претседател на Балканскиот форум за безбедност, со вмешување во ситуацијата во Украина, земјава како членка на НАТО учествува во расправата за донесување на одлука. Но, истакнува тој, исто така, има право да биде воздржана доколку Алијансата одлучи да се вмеша во ситуацијата во Украина.

-Македонија, како дел од НАТО, учествува во процесот на планирање заедно со останатите членки за начините како Алијансата да се постави кон тензиите кои се зголемуваат во тој регион. Македонија има обврски од членството во НАТО, но има и суверено право да одлучи да остане настрана од евентуален конфликт во Украина – вели Марковски.

Тој додава дека во изминатиов период, македонските војници на меѓународен план покажаа одлични резултати, но исклучително во мировни мисии или мисии за воспоставување на мирот под ингеренции на ООН, ЕУ или НАТО. Воедно, тој потенцира дека НАТО засега не побарал ништо од земјава, а, според него, ниту имаме што да понудиме со оглед на опременоста на нашата армија.

-Во последниот извештај на реномираниот „Global firepower“, според кој воената сила на секоја нација се оценува според индивидуалните и колективните одбранбени вредности обработени преку внатрешна формула за генерирање на нејзиниот резултат „PwrIndx“, за 2022 година, Северна Македонија, а со тоа и македонската воена сила е рангирана на 134 од 140 (меѓу 6-те најлоши) од земјите што се разгледуваат – вели Марковски.

Сепак, тој не очекува конфликт. Како што Русија е свесна дека евентуалната инвазија во Украина може да доведе до тоа во голема мера да биде исклучена од меѓународниот финансиски систем, така, порачува Марковски, и САД и НАТО знаат дека влегувањето во војна со Русија може да ги прекине испораките на руски гас во континентална Европа. На тој начин, според него, трошоците за живот ќе се зголемат и ќе се предизвикаат нови политички кризи.

Инаку, цела светска и домашна јавност периодов е преокупирана со случувањата околу границите на Украина и со загрженост се следи растечкото ниво на недоверба меѓу Западот и Руската Федерација. Русија одржа заеднички руско-белоруски воени вежби во Белорусија и натрупа околу 127.000 војници во близина на границите на Украина. Иако Русија негира дека планира инвазија, Украина, ЕУ и САД постојано најавуваат таква можност.

В.С.

Поврзани новости