Македонија не може да си дозволи ,,експлозија” како во Италија, седете дома – од Словенија апелира педијатарот Бакарова

by Fokus

Ве замолувам да седите дома и да не дозволите луѓето да бидат оставени на милост и немилост поради непочитување на мерките, кое би довело до брзо ширење на вирусот.

Здравството нема таков капацитет, не би можело да издржи илјадници заболени во исто време, од кои најверојатно на неколку стотици ќе им треба интензивно лекување – апелира Марија Ќосева Бакарова, доктор специјалист по педијатрија, по потекло од Неготино, а која речиси една деценија работи во Здравствен дом Др. Адолф Дролц во Марибор, Словенија.

Таа живее таму, заедно со децата и сопругот доктор Петре Бакаров, кој е специјалист по семејна медицина, вработен во истата установа.

Доктор Ќосева Бакарова за ,,Фокус” раскажува дека будно ја следи состојбата со корона вирусот во регионот, а од она што може да го забележи на социјалните мрежи, има впечаток дека во Македонија добар дел од јавноста не ја сфаќа сериозноста на состојбата, и на вирусот за жал се гледа со недоволна сериозност и еден вид на потценување на опасноста.

Затоа, вели дека нејзиниот совет како медицинско лице е да се следат препораките на министерството за здравство, бидејќи станува збор за вирус кој е нов за целата струка.

-Факт е дека препораките се менуваат од ден во ден. Нов вирус, истражувањата се во тек… Се учиме моментално од болеста и од грешките. Во Словенија мерките се почитуваат во голема мера. На почетокот можеби не во целост, но сега веќе луѓето сфатија. Превенираме колапс на здравствениот систем, за да можат сите да добијат соодветна помош. Од она што можам да го видам, во Македонија властите добро се справуваат со оглед на она што го имаат, финансиски и технички, се водат според европските земји. Единствен проблем е што луѓето не сфаќаат и тешко им е да се откажат од старите навики, како што се прошетки, заедничко кафе, непотребно излегување – раскажува доктор Ќосева Бакарова.

Додава дека во Словенија за разлика од Македонија се прават многу повеќе тестови. Вели дека дневно се земаат од 1.000 до 1.200 брисови, до сега се направиле над 30.000 тестови.

-Ако некој е сомнителен, веднаш го напушта работното место и сите контакти се изолираат. Брисот во редовна постапка е готов за 24 часа, во итни случаеви за четири до пет часа. Секој сомнителен брис е закажан уште првиот ден, а имаме и повеќе лаборатории кои што ги работат брисовите – појаснува докторката.

Вели дека како педијатар, од досегашно искуство може да каже дека децата вообичаено се со благи симптоми или асимптоматски.

Една можност зошто е така кај децата, е или тоа што имуниот систем се уште им се развива, или пак бидејќи децата се почесто настинати, можна е вкрстена отпорност со другите веќе познати корона вируси што се чести причинители на вирози и настинки кај децата. Сепак, ова се само теории… Во Словенија имаме околу 20 деца заболени, до 15 годишна возраст и моментално ниту едно дете не е хоспитализирано. Сите се со блага форма. Опасноста е секако кај постарите и хронично болните. Најголема превенција треба да има за старечките домови и заводи. Да не се внесе вирусот од вработени или посетители. Таму се потребни најстроги мерки на заштита. Во Словенија сите старечки домови и заводи се затворени за посета. На вработените секој ден им се мери температура и се исполнува прашалник кога пристигаме на работа, дали се чувствуваме добро, дали имаме настинка, дали некој во фамилијата ни е болен… Матичните педијатри моментално работиме преку телемедицина. Сите болни деца кои не можеме да ги советуваме преку телефон одат во КОВИД педиатрични амбуланти каде што сме со целосна опрема – раскажува Ќосева Бакарова.

За во Словенија вели дека важи паролата – Седи дома. Веќе три недели бил укинат целиот јавен превоз, како градскиот, така и меѓуградскиот. Дружењето на јавни површини било забрането, исто како и минување од една во друга општина, и за среќа, мерките се почитувале.

-Во здравствени системи многу подобри од нашите како што е Италија, Америка, Шпанија… им се случи експлозија, токму поради непочитување на мерките. Македонија тоа не може и не смее да си го дозволи! – ни изјави докторката.

Вики Клинчарова

Поврзани новости