Балканската музичка ѕвезда Јелена Карлеуша ја започната сезоната на настапи со концерт во Охрид во саботата, во популарниот Егоист Бич Бар. Ова беше нејзин прв настап во живо, по паузата поради корона вирусот, и таа, исто како и лани, во Охрид дојде со приватен авион, заедно со нејзиниот пријател и долгогодишен соработник Зоран Бирташевиќ.
Настапот на пејачката во Охрид беше најавуван како голем спектакл за кој се продаваа влезници единствено со резервација на маса со пијалок. Таа и лани ја прекина паузата од настапи со концерт во Егоист Бич Бар, и пееше на почетокот на септември. И тогаш се продаваа влезници со резервација на маса и со пијалок, по цени од 100, па се до 150 евра. Тогаш информираше дека тоа бил нејзин прв настап од почеток на пандемијата по долга пауза, и покрај тоа што било забрането да се игра, кажа дека во Охрид направила топ журка.
По ланскиот концерт во Охрид, нема официјална информација дека Карлеуша одржала друг концерт било каде во регионот, односно за целиот овој период од годинаипол, таа единствено гостувала во Охрид. Дали во Србија и во регионот не добила добри понуди за настап, или пак лично таа претпочита да гостува во Македонија, нема одговор.
Но, со нејзините концерти одржани единствено кај нас изминатиот период, се наметнува дека не само што Македонците не можат без Карлеуша и останатите регионални музичари, туку и Карлеуша не може без нашата публика. Со разлабавувањето на мерките за заштита од вирусот и прекинот на забраната за концерти во живо, голем број на регионални музичари веќе ни дојдоа на настап, а многу нивни концерти се најавени за наредниот период. Нашата публика секогаш ги дочекува во голем број, со еуфорично расположение, без оглед на ,,солената” цена на влезниците, кои најчесто се продаваат како пакет за четири лица со шише алкохолен пијалок.
Ланските коментари од нашите музичари, дека додека тие немаат ниту за автобуска карта, странски пејачи ни „парадираат” со авиони, пак се актуелизираа и годинава, и се апелира до угостителскиот сектор да се ангажираат македонски пејачи, наместо парите да се одлеваат надвор од земјава.
Вики Клинчарова