Македонија не гласаше за – гласаше против

by Fokus

Потребно е на чело на државата и партијата да застане човек со интегритет, кој ќе го погледне в очи народот, ќе ги признае грешките искрено и отворено и ќе се извини за нив и веднаш ќе премине од зборови на дела

Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Гласот на народот, тивок, огорчен и полн со прекор громогласно му ги покажа сите пропусти и го казни лежерното и популистичко самобендисано однесување на првите луѓе на партијата на власт. И повторно истата реторика, повторно истите зборови, истите изговори наместо чесно и искрено прифаќање на одговорноста и вината за катастрофалниот резултат на локалните избори, кој е опомена и најава за парламентарните, ако врвот на СДСМ не ја смени менталната матрица.

Запрепастува кусогледоста и обидот за спинување на причините што доведоа до ваков дебакл на партијата, која имаше историска шанса да се запише на страниците на македонската историја и со гордост да каже, ова јас го направив за Македонија.

Наместо да ја зголеми довербата, која неопределените и независните им ја дадоа во борбата со режимот и заробената држава, тие успеаја за кратко време да ги свртат сите против себе. Не гласаше вчера Македонија за, туку гласаше против, гласаше против популизмот, аматеризмот, лицемерието, некадарноста и дволичноста.

НАРОДОТ ЛЕСНО НЕ ЗАБОРАВА

Смешно е тврдењето дека народот заборавил каква власт имал до пред четири години и што му се случувало, за што веќе пишував, но повторно ќе кажам: вие сте тие што го заборавивте тоа, заборавивте зошто добивте поддршка и зошто дојдовте на власт и што требаше да направите со оваа држава. Наместо тоа, вие само го усовршивте постојниот систем на режимот и продолживте по истиот терк.

Заборавивте на ветувањата и обврската, а тоа беа и очекувањата на оние што ви ја дадоа поддршката, да ја спроведете реформата, пред сѐ, во правниот систем и државниот апарат, длабока и коренита, со која засекогаш би се поставиле стандарди кои би биле гаранција за демократско и, пред сѐ, правно општество и држава.

Наместо тоа добивме празни зборови без дела, метли, ветинзи, петинзи и евалуации, кои ништо ниту значеа, ниту зад нив стоеја дела. По многу зборови и спинови без дела, народот повеќе не можеше да ви верува. Особено иритираше елитистичкото, самобендисано, популистичко и позерско однесување, кое не беше ништо поразлично од оние кои ги заменивте и на чие место дојдовте.

Зборувате за неприродни и срамотни коалиции, коалиции меѓу тепаните и тепачите во настаните од 27 април. Срамно е што имате образ тоа да го зборувате кога вие самите тоа го почнавте со амнестијата на осумте пратеници, обвинети во судскиот предмет заради политички цели и пазарења. Со тоа ја потенциравте вмешаноста на политиката во правниот систем, покажавте дека политиката има примат, а судството е само алатка и ја потврдивте нееднаквоста на луѓето пред законот.

СЕ ПОДБИВАВТЕ СО ПРАВДАТА

Го урнисавте СЈО и повторно се подбивавте со правдата и законот, сведувајќи го целиот скандал на тројца, иако беше повеќе од очигледно дека се вмешани многу повеќе луѓе на високи позиции.

Постојано реферираше лидерот на партијата за тоа во која фаза на истрагата се наоѓа кој предмет, и покрај тоа што е истрагата тајна, што покажуваше дека тој е во директна комуникација со обвинителството. Изјавите од типот кој е виновен, а кој не, кој колку ќе добие за судење во тек, само уште повеќе иритираа и покажаа дека правосудството е и понатаму политички диригирано и зависно.

Застанувањето зад луѓе за кои има сериозни сомневања за сторени кривични дела, нивното бранење во јавноста и оневозможувањето на институциите да ја работат својата работа, како и плеткање во работата на институции, кои не се во надлежност на владата, создаде чувство на несериозност, популизам и контрола над сѐ и секого.

Експериментите во образованието, леснотијата со која се прекројуваше историјата и историските факти, безочното фалсификување на најсветлите мигови на македонската антифашистичка борба и маргинализирање на луѓето што ги положиле животите во таа борба само за да се додвориме на соседот, кој нема ни мерка, ни усул, го разгневија народот.

Некадарноста да се обезбедат граѓаните со вакцините за ковид и тоа во ек на најголемата пандемија, без да се бара одговорност од надлежните и јавното понижување граѓаните на Македонија да се вакцинираат во странство, остави впечаток на неспособна извршната власт да се бори со ваквите ситуации.

НЕ ПРИФАЌАВТЕ ОДГОВОРНОСТ

Потврда дека тоа е така дојде и со пожарите што беснееја низ државата, а одговорните можеа само да ги гледаат и да се молат. Но, најмногу од сѐ иритираше неспремноста да се понесе и прифати одговорноста за жртвите што изгореа во болницата во Тетово со неприфаќање на поднесената оставка, која и беше поднесена реда ради и за да се замае јавноста.

Порастот на криминалот, зголемената корупција, личното богатење, делењето на бизнисите на блиски пријатели и роднини, постојаното бегање од реалноста, неприфаќање на одговорноста и вината за состојбите во државата и обидите да се манипулира јавноста со спинување, се само дел од работите што го донесоа СДСМ, овде каде што е сега.

Потребно е на чело на државата и партијата да застане човек со интегритет, кој ќе го погледне в очи народот, ќе ги признае грешките искрено и отворено и ќе се извини за нив и веднаш ќе премине од зборови на дела.

Човек кој ќе спроведе вистински, длабоки и коренити реформи во секој сегмент на државата и општеството, издигнувајќи се над партиските и личните интереси. Тоа е единствен начин оваа партија да не замине на буништето на историјата засекогаш.

 

Поврзани новости