За нашиот дипломат кој е во притвор во Србија кај нас нема отворена постапка, заради која што ние би го барале како држава. Ние како Министерство за правда не сме добиле информација по основа на која треба да бараме екстрадиција или трансфер на осудено лице, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ за случајот со дипломатот, Миле Миленкоски кој е осомничен за вмешаност во македонско-ерменската афера.
Тој во одговор на новинарско прашање дали има напредок во случајот со македонските дипломати, посочи дека институциите од Србија не стапиле во никаков контакт со Министерството за правда.
-Јас ги имам информациите што ги имаат веројатно и јавноста и дел од владините функционери. Министерството за правда нема тука никаква улога, бидејќи лицето кое што е во притвор, нашиот дипломат кој што е во притвор во Србија, нема кај нас отворена постапка заради која што ние би го барале како држава, рече Маричиќ.
Тој напомена дека може да се бара екстрадиција или трансфер на осудено лице, меѓутоа, како што рече, дипломатот не е ниту осуден се уште, ниту пак кај нас има постапка врз основа на која ќе треба да го бараат.
Маричиќ рече дека министерствата од Србија не стапиле во никаков контакт со Министерството за правда, а нема информација дали стапиле во контакт со Министерството за внатрешни работи. Миленкоски беше приведен во Србија по меѓународна потерница на Ерменија за вмешаност во афера во Ерменија од 2019 година. Јавноста за ова дозна дури по неговото приведување, а ниту една институција засега не презеде одговорност за тоа што Миленкоски не беше приведен во Македонија со распишана потерница поседуваше дипломатски пасош и безбедносен сертификат. Тој во Еременија е осомничен за извлекување на македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ кој пак има обвинение во Ерменија.