Македонија покажува назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата, покажува најновиот извештај на Фридом хаус. Извештајот предупредува на долготрајната корупција на високо ниво, а го забележува и судирот на партиите околу уставните амандмани потребни поради бугарското вето за пристапување на земјата во Европската Унија.
„За разлика од Украина или Молдавија, Северна Македонија не презеде значајни чекори за елиминирање на корумпираните мрежи на дејствување, а моќта продолжи да осцилира меѓу коалициите на неколку партии“ се наведува во извештајот.
Како што се додава во извештајот, надежите за резултати во делот на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал, се појавиле по симнувањето од власт на антидемократскиот премиер Никола Груевски и тие допрва треба да се остварат.
„Ниту Груевски ниту неговите најблиски соработници не беа изведени пред лицето на правдата за нивните злоупотреби на функцијата пред 2017 година. Уште полошо, со контроверзните измени на Кривичниот законик во 2023 година се намалија казните за таквите злоупотреби предизвикувајќи да бидат отфрлени знаменити случаи, додека јавноста веќе се оптоваруваше од фатални корупциски скандали во здравствениот сектор“, посочува „Фридом хаус“.
Се забележува и дека националистичката партија на Груевски ја опструирала работата на парламентот додека била во опозиција и дека сега е фаворит за победа на претседателските и парламентарните избори во 2024 година.
Се наведува и дека годината беше обележана и со поларизирачка парламентарна дебата за уставните амандмани потребни за отстранување на ветото на Бугарија за кандидатурата на земјата за пристап во ЕУ.
Нема промени во оценката за пет категории – национално демократско владеење, изборен процес, граѓанско општество, независни медиуми и локално демократско владеење, а падот се нотира во две категории – судска рамка и независност, и корупција.
Земјите се оценуваат со оценка од 1 (авторитарен режим) до 7 (консолидирана демократија).