Македонија на ЗОИ 2022: Полошо и не можеше, не треба да се слави не(успехот)!

by Fokus

Неодамна заврши настапот на македонските спортисти на ЗОИ во Пекинг, а општиот впечаток е дека резултатот што го остварија е мошне скромен.

Ставре Јада настапи на две трки, спринт на 1.5 километар, каде го освои 86-то место од 88 натпреварувачи и на последната трка на маратонот од 30 километри, скијачот заврши на 56-та позиција од 59 тркачи кои стигнаа на целта.

Од друга страна, Ана Цветановска во крос-кантри скијање на 10 километри, трката ја заврши на 95-то место од 98 натпреварувачи. Алпскиот скијач Дардан Дехари не настапи вооппшто на ЗОИ поради тоа што пред трката доживеа повреда.

Македонскиот аналитичар за спорт и универзитетски професор, Иван Анастасовски во анализа за „Фокус“ не е задоволен од настапот на нашите натпреварувачи во Пекинг и порача да се направи сериозна анализа за ваквите скромни резултати.

„Имаме скромен учинок на нашите македонски олимпијци на 24те Зимски олимписки игри во Пекинг 2022 година. Нема поединец во државава, вклучувајќи ги и самите спортисти, кои би биле задоволни со овој резултат. Убеден сум дека за сериозен спортски успех, но и доследно презентирање на нашата држава на меѓународен спортски план се потребни пред се финансии кои не се лесни за наоѓање во оваа време на криза.

 

Значаен фактор е адекватниот тренажен процес на секој спортист како и односот на самата држава кон своите спортски презентари. Нема никаков простор за славење на резултати од ЗОИ 2022, тука сериозна анализа што е тоа што мора да се направи во иднина да може да се подобруваат спортистите“, вели Анастасовски.

Тој додаде дека мора и да се изврши сериозен притисок кон државните институции надлежни во делот на спортот за соодветно финансирање на јавниот спорт се со цел за подобра промоција на нашата држава.

„Време е да престамене да се радуваме на тоа дека сме избориле пласман на завршници на големи спортски спектакли, туку да почнеме да се натпреваруваме рамноправно со сите и да бидеме респектиран спортски фактор.

 

Знам дека нашата економија е кревка и тешко може да го поддржува спортот за тоа колку самиот има потреба од финансии, но тоа не смее да биде изговор да ги браниме слабите резултати, туку напротив мотив да продолжи активноста за подобри услови на нашите спортисти особено оние професионалните“, смета Анастасовски.

Мора да се гради победнички менталитет кај сите спортисти, без разлика на условите во кои тренираат, за да почнат да доаѓаат и подобри резултати.

„Државата мора да инвестира во спортската инфраструктура која е основен предуслов за врвни спортски резултати. Ништо не добиваме ако само коментираме по кулоарите за овие проблеми, а не вршиме притисок на надлежните институции за државна интервенција во спортска инфраструктура. Сериозна подлога е едукативниот дел на стручниот спортски кадар кој е најодоговрен за создавање на нови спортисти од кои би можеле да очекуваме сериозни спортски резултати. Убеден сум дека во индивидуалните спортови можеме да генерираме одлични спортски резултати ако се држиме до системот држава-менаџмент-финансии“, порача тој.

Олимпиецот Ставре Јада е свесен дека можел да направи подобри резултати, но вети дека во иднина ќе се потруди да го подобри впечатокот.

„Секогаш може подобро, но со резултатот на 30 километри сум задоволен, стартував таму со една цел. Да им докажам на многу луѓе, кои мислеа дека нема да завршам и тоа со заостаток од 14 минути, што е најдобар на Олимпијада од Македонија. Можев подобро, ако условите беа подобри, беше до „минус“ 32 степени за време на трката но задоволен сум. Уште едно искуство е зад мене, но овојпат научив многу работи од оваа Олимпијада така да за следна 2026 година во Милано ќе се подготвам најдобро што можам. На спринт трката добро тргнав, но мојата конструкција на тело не е за кратки дистанци и никогаш не сум бил добар на спринт“, објасни Јада за „Фокус“.

Легендарниот спортски коментатор Златко Калински упати критики кон пристапот на нашите натпреварувачи на овој настан. Според него, идејата само да се заврши една трка не е доволна.

„Македонија е светлосни години далеку од планетата наречена „зимски спортови“. Пекинг ни беше седми настап на Зимските олимписки игри, мина со резултатски маргинализам. Нешто веќе видено и очекувано. Години и години на тапкање во место на снегот, без да се совлада барем еден мал простор од падината“, смета тој.

Најдобрите на вакви настани целат кон медалите, просечните имаат желба за резултатски прогрес, анализира нашиот соговорник.

 

„Еден голем дел од учесниците во тркачките дисциплини на отворено доаѓаат од земји без традиција, или воопшто немаат снег и идеал им е да ја завршат олимписката трка. Во оваа трета категорија спаѓаат и македонските репрезенти. Нивната цел беше да не завршат на последното место. Успеаjа, но тоа е премалку“, искрен е Калински.

Според него, овие резултати се реалност за македонскиот спорт, а упати критики и зошто не се вложува доволно во тоа.

„Тие отпатуваа на Олимпијадата затоа што според ФИС бодовите се најдобро рангирани во Македонија. Друго е прашањето на објективните нивни можности. Колкава е натпреварувачката база од која што доаѓаат, имале ли вистинска конкуренција за да се изборат за пат на Олимписките игри? Е, тука одговорот го дава олимписката арена, моментот на вистината за резултатскиот дострел, кој за нас главно е поразителен.

 

Тоа впрочем е и сликата за односот во Македонија кон зимските спортови. Зошто се нема поголемо разбирање, зошто вложувањата изостануваат, зошто и односите меѓу луѓето што ја водат скијачката организација ја влошуваат таа состојба? Македонските спортисти во Пекинг толку можеа, а тоа значи дека полошо од ова речиси и да не може!“, изјави Калински.

И на крајот го постави најважното прашање: Можат ли државата и скијачката заедница подобро, со поинаков пристап и поголема грижа до следните Игри во Торино во 2026 година, на 30 годишнината од првото македонско учество на ЗОИ?.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости