Перцепцијата на јавноста за важноста од рутинската вакцинација на децата е намалена во Северна Македонија од почетокот на пандемијата на КОВИД-19, покажува новата анализа на податоци за 55 земји од светот, од кои 29 се наоѓаат во Европа и Централна Азија, вклучувајќи ја и Северна Македонија.
Врз основа на податоци од 2021 година, извештајот посочува дека во Европа и Централна Азија, второто место на негативната ранг листа на земји според бројот на деца со „нула дози“ (деца кои немаат примено никаква вакцина) го делат Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Киргистан – 11 отсто, по Молдавија каде оваа стапка изнесува 13 отсто.
На глобално ниво, падот на довербата се случува во време на најголемо континуирано назадување во областа на имунизацијата на децата кое трае последниве 30 години.
Пандемијата го наруши вакцинирањето на децата речиси насекаде, најмногу заради огромните притисоци врз здравствените системи, пренасочувањето на ресурсите за имунизација кон вакцинацијата против КОВИД-19, дефицитот на здравствени работници и карантинските мерки кои им беа наметнати на граѓаните.
Како последица на тоа, 67 милиони деца на светско ниво не беа рутински вакцинирани во периодот меѓу 2019 и 2021 година, при што опфатот со вакцинација опадна во 112 земји.
„Состојбата на децата во светот“ е најважниот извештај на УНИЦЕФ. Неговото издание за 2023 година е првото кое е посветено исклучиво на рутинската имунизација.
УНИЦЕФ секоја година помага на речиси половина од вкупната детска популација во светот со вакцини кои спасуваат животи.