Заменик-претседателката на Владата и министерка за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон при денешната посета на Скопје упати честитки за, како што рече, историскиот успех со отворањето на пристапните преговори за членство во Унијата.
-Свесна сум дека ова беше болен и тежок пат, односно одлуката е многу важна. Останува Република Северна Македонија да направи се за луѓето, да се започне тешок процес на реформи и тоа не е задача само за Брисел, туку за цела Македониј – рече Фајон.
Таа додаде дека ја поддржува Северна Македонија до 2030 година да стане членка на ЕУ, што, според неа, е реална цел.
-Ако сите граѓани бидат на тој пат, Словенија ќе го поддржува. Важно е да бидеме свесни дека пристапните преговори се започнати. Словенија ќе направи се да не се загрозат билатералните односи во пристапувањето и државата непречено да продолжи на овој пат и македонскиот јазик да не биде загрозен – истакна Фајон.
Министерот Бујар Османи, пак, рече дека една од темите на разговор со министераката Фајон биле евроинтеграциите на Македонија.
-Влеговме во последното поглавје или во последната фаза пред членството во ЕУ, а тоа е почетокот на преговорите со одржување на првата меѓувладина конференција на 19 јули кој и Европската комисија во последниот извештај го оцени како историски момент кој што отвори една нова динамика на односи и тука ќе биде особено важно словенечкото искуство и поддршката во нашиот процес на преговори – изјави Османи.
Тој додаде дека ја информирал министерката дека структурата е веќе формирана, дека скринингот е почнат и за тоа дека интензивно нашите екипи се во Брисел и ги претставуваат досегашните резултати.