Вчера во Експо – центарот во Тел Авив се одржа првата полуфинална вечер на Евровизија. Од вкупно 17 земји учеснички, десет влегоа во финале, и тоа Грција, Белорусија, Србија, Кипар, Естонија, Чешка, Австралија, Исланд, Сан Марино и Словенија.
Утре ќе се одржи втората полуфинална вечер, а нашата претставничка Тамара Тодевска настапува претпоследна, односно 17-та по ред. Баладата ,,Proud” со која Тамара ќе ја претстави нашата земја го сврте вниманието на љубителите на Евросонг.
Светски познатиот музички магазин ,,Билборд” направил листа на песни кои би можеле да ја однесат годинашната победа на Евровизија, а помеѓу 12-те фаворити за прво место се наоѓа и песната на Тодевска.
-Зошто Северна Македонија може да победи – пишува ,,Билборд”, и го дава појаснувањето – Ова е прослава на жената низ времињата во стилот – И јас, исто така. Ќе се пронајдат многу гледачи кои гласаат, како и професионални жирија.
Покрај тоа, во статијата објавена во магазинот, наведено е дека ова е прва година како ФИРОМ настапува под името Северна Македонија.
-Порано позната како ФИРОМ, земјата настапи на Евровизија за прв пат во 1998 година. Најдобар пласман со 12-то место имаше во 2006 година, со песната ,,Нинанајна” на Елена Ристеска. Ако Тамара Тодевска влезе во финале со песната која ја промовираше на Интернационалниот ден на жената, Осми март, тоа ќе биде прво појавување на Северна Македонија во големото финале, по 2012 година – информира ,,Билборд”.
Покрај нас, утре во Тел Авив за влез во финале ќе се борат и претставниците на Ерменија, Ирска, Молдавија, Швајцарија, Латвија, Романија, Данска, Шведска, Австрија, Хрватска, Малта, Литванија, Русија, Албанија, Норвешка, Холандија и Азербејџан. Големото финале ќе се случи на 18-ти мај.
Вики Клинчарова