Од почетокот на пандемијата на Ковид-19, која трае од март 2020-та година, угостителскиот сектор е еден од најпогодените во општеството. Над 20 илјади угостителски работници останаа без работа и Македонија во овие месеци кубури за келнери.
Праксата покажува дека – тие што останале без работа, или смениле професија или заминале да работат во странство. Низ годините, се намалува и интересот за упис на средношколците да ги изучуваат ваквиот тип на професии.
Од СУГС „Лазар Танев“ добивме податоци за број на запишани средношколци почнувајќи од 2017 година, а во секоја наредна учебна, во училиштето има се помалку средношколци:
2017/18 вкупно биле запишани 684 ученици
2018/19 вкупно биле запишани 574 ученици
2019/20 вкупно биле запишани 479 ученици
2020/21 вкупно биле запишани 449 ученици
2021/22 вкупно биле запишани 409 ученици
Директорката на ова училиште, Слаѓана Трпковска – Салтирова за „Фокус“ ја анализираше ваквата ситуација, говорејќи и општо за оваа професија.
„Бројката на запишани ученици опаѓа поради намалениот наталитет во земјата и зголемената миграција на населението. Во нашето училиште имаме и редовни и вонредни ученици кои се вработуваат во странство, а мислам дека добар дел остануваат во Македонија“, ни рече Салтирова.
Како што додаде таа, работодавците имаат голем интерес за средношколците од ова училиште и имаат соработка со многу компании, каде ја обавуваат нивната практична работа.
Генерално гледано, ситуацијата со келнерите во Македонија не е воопшто добра и тоа е така неколку години пред пандемијата. Првиот човек на НУК, Здравко Јосифовски наброја само неколку фактори кои довеле до таков момент.
„Недостиг од персонал не се однесува само на келнери, туку има континуиран недостиг од угостителски работници во сите сектори на угостителската индустрија пред се едуцирани менаџери, готвачи, шанкери, рецепционери, аниматори и сите пропратни работни позиции. Континуираниот недостиг на едуцираниот кадар, енормниот број на угостителски објекти, потценување на самата работа ја доведе Македонија на дефицит на овој кадар со што целокупната индустрија трпи во континуитет“, ни истакна Јосифовски.
На сајтовите за вработување, речиси секој втор гласи: Имаме потреба од келнер/ка, а угостителските објекти се вртат во круг барајќи работници. Тука се поставува прашањето – дали келнерите се доволно ценети од сопствениците на угостителските објекти?
„Нормално е секој угостител кој вложува во едукација и унапредување на своите вработени да ги цени, бидејќи бизнисот им зависи од нивната работа. Поголемиот дел од угостителскиот персонал што заминува во странство се генерално млади луѓе кои се одлучуваат да го запознаат светот и преку лесно обезбедена работата која е значително повеќе платена во однос на истата кај нас да имаат можност и да заработат нешто повеќе. Овие работни позиции генерално се сезонски и не нудат континуирана и сигурна работа“, додава Јосифовски.
Според претседателот на Независната угостителска комора и слабиот бакшиш ги одвратил луѓето да се занимаваат со оваа професија.
„Во моментов никако не можат да се задржат келнерите во земјава. Потребна е изготвување на национална стратегија за вработување и субвенционирање на вработените во угостителската индустрија доколку сакаме угостителската индустрија да ја одржиме на ниво. Да не се чудиме кога стратешки инвестиции во угостителството ќе зјаат празни затоа што нема да може да се обезбеди соодветен едуциран кадар“, анализира тој.
Според него, во моментов е неопходно итна субвенција од страна на Владата или Агенцијата за вработување на угостителите за секој редовно вработен со цел да се задржат барем постојните вработени.
Крајниот заклучок на Јосифовски е дека без соодветна стратегија, туристичко угостителскиот сектор наместо да се развива, поради недостиг од соодветен и квалитетен кадар ќе стагнира и назадува со својата понуда во споредба со понудата од соседството или глобалната понуда.
Фото – СУГС „Лазар Танев“, Томислав Георгиев, Алфа ТВ
Јорданчо Цветаноски