Македонија ќе затвори најмалку четири свои амбасади низ светот

by fokus

Во наредните недели ќе се дефинира списокот кои амбасади на земјава во странство ќе бидат затворени. Во моментот има 27 испразнети дипломатски позиции. Според анализата изготвена од МНР, постои предлог да бидат затворени најмалку четири амбасади, вели во интервју за ТВ Сител претседателот Стево Пендаровски.

Пендаровски рече дека во завршна фаза се разговорите со релевантите министри и со Владата, и во наредните недели ќе го заокружат списокот, и ќе се обидат да затворат најголем дел од овие 27 испразнети амбасадорски места.

– Постои една анализа што ја нарачав од МНР веднаш штом дојдов за претседател, да ми дадат функционална анализа како работи нашата дипломатско-конзуларна мрежа. Таму има предлог за затворање на четири, петтата е под знак прашање, четири амбасади минимум, каде што ние немаме голем резон да останеме со дипломатско присуство, рече Пендаровски.

Според него, тоа се држави во кои нема реципроцитет од кај нас се покриваат од друга држава, нема резидентен амбасадор во Скопје, а нема ниту значајна трговска или економска соработка со тие држави.

Претседателот најави дека некои од нашите амбасадори веќе се на пат за дома, конкретно амбасадорот Ивица Боцевски од Бразилија, бидејќи таму, како што рече, ќе одиме прво со редукција, за да можеме да засилиме некои други позиции што ни се многу битни во моментот.

– Можете да замислите ние немаме амбасадор во НАТО, а за неколку месеци влегуваме во Алијансата. Немаме амбасадор во Вашингтон, кај најголемиот стратешки партнер на државата од независноста до денес. Немаме во Москва и да не набројувам понатаму. Она што е погубно за мали држави, е што имаме пет соседи, а во четири немаме амбасадор. Само во еден од нашите пет соседи имаме, што е недозволиво. Само во Софија имаме амбасадор, што во најскоро време ќе биде поправено, истакна Пендаровски.

Во однос на ќорсокакот во преговорите власт – опозиција за Законот за јавно обвинителство, и дали има можност за вклучување странски посредници, вели дека негова проценка е оти странски медијатори нема да се вклучат.

– Ние чекаме датум за преговори со ЕУ и сме на прагот на НАТО и кога разговарате со некој од меѓународните претставници на повисоко ниво или со некој од ЕУ ви велат вие сега практично треба да бидете како нас. И во соседна Албанија каде има многу полоша комуникација меѓу власта и опозицијата, странците не се вклучуваат, рече тој.

Меѓутоа, според него, потребно е вклучување на институција одвоена од политичките партии, што би можела да биде понезависен арбитер или медијатор во таков тип преговори, бидејќи како што рече, само партиски собири не можат да бидат докрај продуктивни ако станува збор за стратешки битни државни прашања

Поврзани новости