Фабриката за муниција АТО АММО во Самоков наскоро ќе почне да произведува четири видови дронови
Министерката за одбрана Славјанка Петровска не открива детали, техничките спецификации се класифицирани информации кои допрва ќе треба да се прецизираат.
-Во однос на техничките спецификации, јас не би објавувала сега што точно ќе содржат, затоа што тоа се и класифицирани информации. Мултинаменски ќе бидат заради тоа што во денешно време повеќедимензионалнсота или потребата од повеќе аспекти се повеќе се наметнува.
Тие ќе бидат способни и да бидат испраќани во извидничко – разузнавачки мисии а се разбира ќе бидат оспособени за борбени дејствија но и за употреба во цивилни цели, вели таа.
Петровска ја посети фабриката АТО АММО во Самоков, Македонски Брод заедно со премиерот Ковачевски и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи. Ковачевски откри дека дроновите кои се планира да се произведуваат таму ќе бидат целосно производство во земјава.
Компанијата АТО АММО е единствена фабрика во земјава за производство на малокалибарска муниција, произведува повеќе од 120 милиони парчиња годишно, а догодина се планира тој број да се зголеми и до 250 милиони парчиња. Регистрирана е на НАТО листата за производство, помеѓу досега регистрирани околу четириесетина компании во земјава.