Македонија ќе победи, вели Пецаков, кој организира пренос на мечот на охридскиот плоштад

by fokus

Откако националниот сервис МРТ ја објави програмата според која вечерва наместо пренос од фудбалскиот меч помеѓу нашата и португалската репрезентација ќе емитува снимка од Оскарите, се повеќе градоначалници информираат дека натпреварот ќе се пренесува на видео бим на градските плоштади.

Досега е потврдено организирано следење на мечот во Охрид, Куманово, Штип…
Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков, за ,,Фокус” вели дека освен видео бим, ќе бидат поставени и масички, и охриѓани масовно ќе ја бодрат македонската репрезентација.

-Идејата за групно следење на фудбалскиот натпревар помеѓу Македонија и Португалија, дојде спонтано, преку разговор со Охриѓани. На Градскиот плоштад ќе биде поставен видео бим и масички каде во еден глас ќе може да навиваат и да ја бодрат нашата репрезентација.

Жално е што ниедна македонска телевизија нема да врши директен пренос, но тоа нема да ни претставува пречка од овде од Охрид да испратиме позитивна енергија до нашите момци во Порто. Коментарите за групното следење се позитивни и се надевам дека ќе бидеме во поголем број на Градскиот плоштад – вели градоначалникот.

Тој по професија е стоматолог, а до пред пет години беше активен спортист, ракометар. Неговата прогноза за вечерашниот меч е лавовска борба и победа на Македонија.

-На нашите фудбалери им посакувам истрајност и лавовска борба. Цела Македонија е со нив и ја имаат поддршката од сите. Прогнозирам одлична и борбена игра која ќе резултира со победа за Македонија- изјави Пецаков.

Вики Клинчарова

Поврзани новости