Тотален колапс на судството ќе има за околу 10 години ако продолжи ова темпо на одлив на судии и неизбирање нови.
Ова го покажала анализата на невладината „Коалиција сите за правично судење“, според која за 5 години, во пензија и нешто со разрешувања од судството заминале 177 судии, а биле избрани само 52 од дипломираните кандидати од Академијата за судии и јавни обвинители.
„За само 5 години, бројот на судии се намалил за една четвртина и за деценија-две отсега, судовите не само поради недостигот на судии, туку и поради недостигот на јавната судска служба, ќе колабираат. Алармантна е состојбата со човечки кадар, ресурси и услови за работа, не само во судовите, туку и во јавните обвинителства“, кажа денеска Лејла Тутиќ од „Сите за правично судење“ на презентацијата на анализата на ресурсите во судството и во обвинителството на Македонија.
За пет години, бројот на судии се намалил за една четвртина.
Најголем број на судии (38) се одлеале од Апелациониот суд Скопје. Но, процентуално највеќе настрадала битолска Апелација, од каде што има егзодус на судии од 40 отсто во однос на 2020 година.
Деталната анализа со податоци за судската, извршната и законодавната власт, ќе биде објавена во ноември.