Северна Македонија како земја претседавач со ОБСЕ ќе се залага да најде начин повторно да ја врати Организацијата во Украина, порача денеска министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ, Бујар Османи, кој во рамки на денешната посета на Украина го посети Бородјанка во киевската област, кој е силно погоден од воените дејствија.
Османи истакна дека комуникацијата со Русија ќе зависи од тоа, како ќе се постави во однос принципите и заложбите на Организацијата, за што, како што кажа, тој како претседавач на ОБСЕ нема да дозволи никакви компромиси, јави известувачот на МИА од Киев.
-Пустошот предизвикан од воената агресија врз Укрина длабоко ме потресува. Уништувањето на виталната инфраструктура и страдањето на украинскиот народ мора да запре. Потребна е итна акција за да се стави крај на ова безумие и да се обезбеди помош за оние на кои им е потребна. Мораме да работиме да престане страдањето, а потоа да ги обновиме овие уништени области, истакна Османи.
Тој на почетокот од посетата на Бородјанка изрази жалење за сите невини жртви и илјадници Украинци кои мораа да ги напуштат своите домови како би ги избегнале разорувачките последици од руската воена агресија.