Тринаесет годишната Роксана од Полска е победник на детската ,,Евровизија 2018” која што денес се одржа во арената Минск во Белорусија. Младата пејачка настапи со песната ,,Anyone I want to be” и освои 215 поени, додека на второ место е Франција со 203 поени. Третото место го освои Австралија со 201 поен.
Македонската претставничка Марија Спасовска заврши на 12-то место, со 99 поени. Таа настапи со песната ,,Дома” на авторскиот тим Дарко Димитров и Елена Ристеска.
Позитивните критики кои ги доби Марија на социјалните мрежи веднаш по објавувањето на песната не беа доволни за повисок пласман на музичката манифестација, која годинава се одржа по 16-ти пат.
Лани, Македонија исто така го освои 12-то место на детската ,,Евровизија” со песната ,,Dancing through life” на Мина Блажев. Нашиот најдобар пласман и понатаму останува 5-то место, кое го освоија Росица и Димитар во 2007 година и Боби Андонов во 2008 година. Најлош пласман, односно на последно место се пласиравме во 2006, 2013 и 2015 година.
Вики Клинчарова