Родителите Роми чиишто деца биле сегрегирани во две основни училишта добија важна пресуда пред Европскиот суд за човекови права против Северна Македонија, информираат од Европски центар за правата на Ромите.
Судот утврди дека две основни училишта, „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола и „Гоце Делчев“ во Штип, го повредиле правото на децата на недискриминација во врска со нивното право на образование. На секое домаќинство му е доделена оштета во износ од 1.200 евра, или вкупно 45.600 евра за двете училишта, појаснуваат од Европскиот центар.
Предметот стигнал во Судот за човекови права во Стразбур преку две апликации поднесени од Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР), кој претходно годинава обезбеди и одлуки за прекинување на сегрегацијата во Битола и Штип од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во Северна Македонија.
„Неколку години трпеливо ја чекаме оваа пресуда и задоволни сме дека, конечно, неправдата што ја искусија многу генерации ромски деца кои учат во двете сегрегирани училишта е меѓународно признаена од страна на најважниот суд во Европа. Она што сега мора итно да се случи е донесување планови за десегрегација во двете училишта, за да се обезбеди дека утврдената повреда нема да се повтори во следните школски години. ЕЦПР внимателно ќе ги следи дејствијата ПРЕСУДА НА ЕВРОПСКИОТ СУД ПРОТИВ СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ЗА СЕГРЕГАЦИЈА НА УЧЕНИЦИ РОМИ на Владата и ќе го информира Комитетот на министри доколку пресудата не е проследена со соодветно спроведување“, изјави правниот директор на ЕЦПР, Сенада Сали.
Оттаму појаснуваат дека со години наназад, сè повеќе деца од населбата Баир во Битола, каде доминантно живее ромско население, посетуваат сегрегирани одделенија.
-За прв пат, во школската година 2021- 2022, сите првоодделенци запишани во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ се од ромско национално потекло. Во голема мера, тоа се должи на отпишување на не-ромските деца од страна на нивните родители и запишување во други училишта кои ги посетуваат помал број ромски ученици (појава позната како „white flight“ 1 ).
Освен тоа, родителите сметаат дека е опаднат квалитетот на образованието што им се нуди на децата во училиштата со доминантно ромски ученици. Процесот познат како „white flight“ бил потпомогнат од училишните власти кои им отежнале, па дури и направиле да биде невозможно, родителите Роми да го сторат истото што го направиле другите родители и да ги запишат нивните деца на друго место каде ќе можат да добијат подобро образование.
Во однос на основното училиште „Гоце Делчев“ во Штип, пред Судот беше изнесено дека во школската година 2018-2019 учениците Роми претставувале 67% од сите ученици. Исто како и во Битола, “white flight” било утврдено како причина за диспропорционално високиот број на деца Роми во училиштето. Судот утврди дека мерките што ги преземало училиштето за намалување на сегрегацијата на ромските ученици се неефективни, додаваат од Центарот.
Потенцираат дека претставките што ЕЦПР ги поднесе до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација резултираа во позитивна одлука за родителите на засегнатите деца.
-Овој орган им нареди на општините да гарантираат дека децата може да се запишуваат само во училишта од нивната област, но и да преземат други мерки поврзани со училиштата кои имаат за цел да стават крај на сегрегацијата на децата Роми, велат од центарот.