Македонија по седми пат ќе избира ,,Маж на годината”, и веќе се објавени имињата на кандидатите кои се во игра.
Номинирани се повеќе јавни личности, помеѓу кои директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, атлетичарот Дарио Ивановски, шахистот Тони Лазов, актерот Никола Ристановски, ракометниот тренер Кире Лазаров, селекторот на фудбалската репрезентација Боби Милевски, јутјуберот Стефан Лазаров, музичарите Стефан и Мартин од Некст Тајм, музичарот Панчо од ДНК, Петар Георгиевски-Камиказа од Меморија, музичарите Алексадар и Дац, кардиологот Сашко Кедев и други.
Листата на кандидати била создадена според предлози и номинации на јавноста, а од пред три дена на страницата на ,,Маж на годината” започна и гласањето во категоријата Маж на годината според социјални медиуми, каде победник ќе биде оној кој ќе добие најмногу допаѓања под својата фотографија. Гласањето за оваа категорија се затвора утре, на 19-ти ноември, во 15 часот.
Исто така, ќе се избираат и мажи кои оставиле траен впечаток со своите дела и достигнувања во 2024 година и во други категории: Маж на годината, Маж со трајни вредности, Менаџер на годината, Менаџер на годината до 40 години, Менаџер странец на годината, Млад менаџер до 30 години, Маж со најголем придонес во културата, Маж со најголем придонес во спортот, Маж со најголем придонес во општеството, Маж со најдобар стил, Хедонист на годината и Маж на годината во избор на организаторите.
-Изборот за ,,Маж на годината” претставува признание за исклучителен успех, лидерство и инспирација. Овој настан е создаден за да ги истакне оние кои не само што го менуваат светот околу нас, туку и ги мотивираат другите да се стремат кон највисоките стандарди, појаснуваат од организацијата на настанот, и додаваат дека како и секоја претходна година, главна улога во изборот на наградите ќе имала стручната жири комисија која била е составена од неколку еминентни членови од повеќе сфери од јавниот живот.
Кои ќе бидат победниците во категориите, но и кој ќе ја понесе титулата ,,Маж на годината” ќе се открие на настанот кој ќе се одржи на 25-ти ноември.
Вики Клинарова