Македонија и Србија ќе работат на изградба на гасен интерконектор, нафтовод и брза пруга, објавија денеска двајцата премиер, Христијан Мицкоски и Милош Вучевиќ на заедничката прес-конференција по средбата во Скопје.
Мицкоски информираше дека земјата е во фаза на завршување на тендерска постапка со којашто конечно ќе отпочне изградбата на интерконекторот со Грција. Од особено значење е изградбата на гасниот интерконектор којшто ќе ги поврзува во иднина двете земји.
„Географската положба на Македонија е многу значајна и сакаме да биде патна, енергетска и железничка крстосница. Овој интерконектор со нашиот северен сосед е исклучително значаен. Тоа беше еден од важните сегменти во нашите разговори. Во фаза сме да го пуштиме во употреба или продуктоводот или во јавноста познат како нафтовод којшто ја поврзува нашата земја со нашиот јужен сосед. Цениме дека тоа би било добра опција, да истиот тој продуктовод или нафтовод биде поврзан и со нашиот северен сосед и на тој начин да обезбедиме уште еден коридор“, порача Мицкоски.
Тој рече дека до крајот на годината очекува да се заврши постапката и на пролет да започне да се гради.
„Целта е да се инвестира и потоа како транзитна држава да обезбедиме дополнителна опција на Централна Европа од нови 12 милијарди нормални кубни метри природен гас за покрај од Јужниот поток да има од каде да добијат уште некои количини на гас“, рече Мицкоски.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ рече дела за Србија е клучно изградбата на интерконекторот и нов пат за снабдување со природен гас за Србија, преку Северна Македонија.
„Ќе разговараме и за изградбата на нафтоводот. Факт е дека нашите две земји трошат многу струја и треба да се стремиме кон декарбонизација без да ја загрозиме енергетската стабилност, не само за нашите две земји,туку и за регионот. На овој начин ќе им обезбедиме стабилност и на стопанствата и на домаќинствата на двете држави“, вели Вучевиќ.
Мицкоски и Вучевиќ разговарале и за изградба на брзата пруга којашто е дел од Коридорот 10.