Министерките за одбрана на Македонија, Славјанка Петровска и на Португалија, Марија Хелена Кареирас денес во Министерството за одбрана го потпишаа првиот Договор за билатерална соработка во одбраната помеѓу двете земји. Од Министерството за одбрана велат дека со тоа ќе се интензивира македонско-португалската одбранбена соработка.
-Денеска е важен ден за нашите држави и за нашата соработка, бидејќи за прв пат потпишавме Договор за билатерална соработка во одбраната помеѓу сојузничките Северна Македонија и Португалија, и со тоа покажавме дека НАТО значи и посилна одбранбена соработка, затоа што имаме заедничка, единствена цел, рече Петровска.
Министерките Петровска и Кареирас на заедничка прес-конференција порачаа дека Договорот е камен-темелник на развојот на билатералните односи и дека со него ќе се зацврсти колективната одбрана во НАТО.
Петровска рече дека со договорот е предвидено интензивирањето на консултациите во доменот на безбедносната политика, мировните операции, заедничката обука и едукација, како и активностите за заштитата на животната средина. Дел од договорот се и родовите прашања во одбраната и безбедноста.
–Како жени лидери во одбраната ја разбираме потребата за целосно вклучување на потенцијалот на жените во областа на безбедноста – но, не како бројка, туку како можност за додадена вредност и квалитет во актуелната безбедносна архитектура, изјави Петровска.
Министерката Кареирас порача дека договорот ја реафирмира идејата дека заедничките цели во безбедноста и одбраната можат да се постигнат единствено преку зајакнување на Алијансата.
Кареирас се заблагодари за учеството на Северна Македонија во мисијата КФОР на Косово и мутинационалните сили на источното крило на НАТО, вклучувајќи го и заедничкото учество во силите на НАТО во Романија.
–За време на нашиот разговор, имав можност уште еднаш да ја истакнам значајната улога што Португалија ја придава на идното пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, што ќе го зајакне европскиот проект и ќе придонесе за стабилноста на балканскиот регион, изјави Кареирас.