Под мотото „Македонија и Македонците – вечна инспирација“ се одржа литературно читање во спомен на професор д-р Александар Стојчев (1975-2021), еден од ретките специјалисти за воена историја на Македонија и македонскиот народ. Преку својата плодна научна кариера Стојчев даде огромен придонес во расветлувањето на еден најтешките периоди во историјата на македонскиот народ, Балканските војни (1913-1914) и територијалната поделба. Не помалку значаен е и придонесот кон проучувањето на Првата светска војна(1914-1918).
Стојчев е особено значаен за македонската историска наука и за историографијата и поради обработката и проучувањето на извори за овој временски период кои се и за прв пат научно објавени, како резултат на неговата истражувачка работа.
На литературното читање во спомен на делото на проф. д-р Стојчев, говореа, проф. д-р Тодор Чепреганов, проф – д-р Виолета Ачковска, како и Бранислав Светозаревиќ и Мартин Треневски. Тие уште еднаш го подвлекоа значењето на научната работа и трудовите што зад себе ги остави проф. д-р Стојчев, како и неговиот придонес во едукацијата на идните кадри во текот на неговата работа како универзитетски професор и афирмацијата на македонската историска наука. Тиеособеноја потенцираа неговата улога и значењето во проучувањето на воената историја како посебна област во македонската историографија, која за прв пат се издвои токму преку работата на проф. д-р Стојчев и неговиот татко проф. д-р Ванче Стојчев.
Професор д-р Александар Стојчев е роден на 5 април 1975 во Белград, република Србија. Во 2001 година дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, насока историја. Во 2006 година го одбрани магистерскиот труд „Дојранските позиции на Македонскиот фронт 1915-1918“. Во 2009 година докторира на Институтот за национална историја со научниот труд „Македонскиот фронт 1915-1918“. Во 2009 е избран за доцент по предметот воена историја навоената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје.
Од 2013 година тој е вонреден професор на Институтот за национална историја при УКИМ, а ја изведуваше наставата по предметите Балканските војни и Првата светска војна на Факултетот за образовни науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Од 2010 до 2021 година е раководител на Службата за воена историја – Воен музеј во Министерството за одбрана. Автор е на повеќе научни дела и монографии „Дојран – воени операции 1915-1918“, „ Македонија и македонците во Првата Светска војна“, „Македонците во документите на ЦИА“ во два тома. Заедно со проф. д-р Ванче Стојчев, коавтор е на научните трудови „Букурешкиот мировен договор и поделбата на Македонија во 1913“ и „Воена историја на Македонија“, а автор е и на бројни други научни дела.
Покрај тоа, проф. д-р Стојчев се занимаваше и со музејска дејност во чии рамки ја организираше изложбата „Македонско – американските односи низ историјата“ во 2016 година и изложбата „Македонија и македонците во Првата светска војна“ која се одржа во Воениот музеј на Австрија во Виена во 2017 година. Почина на 18 април 2021 година.