Македонија и Косово ќе спроведуваат заедничка царинска контрола на железничкиот премин Блаце-Хани Елези, предвидува Договорот за спроведување на Спогодбата за соработка меѓу владите на двете земји што денеска во Скопје го потпишаа министерот за финансии Фатмир Бесими и неговиот косовски колега Хекуран Мурати во рамки на заедничката седница на двете влади.
Договорот овозможува поедноставување на граничното регулирање на железничкиот сообраќај и намалување на времето на чекање на граничните премини. Договорот ги утврдува извршувањето на активностите на граничното регулирање на железничкиот сообраќај, како и правилата на граничното регулирање на железничкиот сообраќај на овој граничен премин. Контролата ќе ја вршат заедно царински работници од двете земји, на една точка, односно на граничниот премин Хани Елези.
„Договорот ќе придонесе за подобро поврзување и побрз проток на стоки и луѓе меѓу двете земји. Со ваквите заеднички активности придонесуваме за поголема пропусна моќ на пратките, како и подобри услови за бизнис заедницата. Трговската размена меѓу двете земји од почетокот на годината бележи раст од 40,2 отсто и достигна ниво од над 200 милиони евра“, велат од Министерството за финансии.