Македонија и Албанија ќе одржат заедничка владина седница

by fokus

Заедничка меѓувладина седница ќе одржат владите на Северна Македонија и на Албанија денеска во Скопје. На седницата официјални обраќања ќе имаат премиерите Димитар Ковачевски и Еди Рама.

Министри од двете земји ќе потпишат договори и меморандуми за продлабочување на соработката.

„Односите меѓу Северна Македонија и Албанија се на исклучително високо ниво, исто како што се на исклучително високо ниво и со другите соседни држави“, изјави вчера премиерот Ковачевски по увидот на реконструираната полициска станица во Гази Баба.

Владата се уште не кажа каква е агендата за денешната меѓувладина седница и посетата на делегацијата од Албанија, но, како што кажа вчера премиерот, по средбата веројатно ќе следува и прес-конференција со премиерот на Албанија Еди Рама.

Поради посетата на албанската делегација, во Скопје денеска ќе има посебен режим на сообраќај по сообраќајниците во поширокото централно подрачје.

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе биде воспоставен посебен режим на сообраќајот.

Поврзани новости