Фудбалерите на Македонија Ѓорче Петров денеска ќе се сретнат со ЦСКА Софија во рамките на второто квалификациско претколо за пласман во Конференциската лига на УЕФА.
Тимот од Скопје, домашниот дуел ќе го играат на теренот „Петар Милошевски“ при Фудбалската федерација на Македонија во 17.30 часот. Овој натпревар паѓа во очите на јавноста поради актуелната политичка ситуација и затегнатите односи на релација Македонија-Бугарија.
Сепак, тренерот на „лавовите“, Муарем Бајрами вели дека не чувствува никаков притисок што се среќаваат со бугарски противник.
„Јасно ни е дека играме со бугарска екипа, но никој кај нас апсолутно поради тоа не чувствува некаков дополнителен притисок. Концентрирани сме на играта, и фокусот е како да одиграме најдобро кон позитивен резултат“, рече тој на вчерашната прес-конференција.
Професорот Ивана Анастасовски смета дека автономијата на спортот секогаш била во преден план, дури и кога се одржувале Олимписки игри, престанувале и војни поради тоа што има спортски настан.
Овој натпревар едноставно не смее да се искористи како политичка провокација и мора да помине во натпреварувачки дух и жестока борба на теренот. Политиката не треба да го „пика“ носот во сите делови на општеството во кое живееме.
„ЦСКА Софија има намера да ја искористи моменталната политичка ситуација помеѓу Македонија и Бугарија и да наметне дополнителен притисок кон нашиот претставник. Организатор на напреварувањето е УЕФА и таа гарантира безбедно одржување на фудбалски натпревар во координација со земјата домаќин“, вели Анастасовски за „Фокус“.
Тој апелира кон противничкиот клуб од Бугарија, да не ја искористи оваа ситуација и дополнително да се обиде да го влоши и така кревките односи помеѓу Македонија и Бугарија.
„Не гледам никаква потреба од политизирање на овој натпревар кој ќе може со силна полициска и редарска служба да биде организиран за што предходно ќе се направи соодветна проценка на ризичноста на самиот натпревар. Но според мене оваа личи повеќе на провокација од страна на противничкиот фудбалски клуб кој сака да ја искористи доплнително затегнатата политичка состојба помеѓу двете држави“, го заврши разговорот Анастасовски.
Останува надеж дека денеска Македонија ќе биде сведок на еден коректен натпревар, без провокации од двете страни и бодрење на нивниот клуб до последен здив. Навредите кон одредена земја не носат ништо добро, туку само казни од организаторот и за навивачите и за фудбалскиот клуб.
Фото – Македонија ЃП
Јорданчо Цветаноски