Во ек на масовните пожари кои периодов ја зафатија земјата, јавноста се сеќава и на големите шумски пожари кои беснееа од јуни до септември 2021 година.
И тогаш градоначалници на општини, како и сега, јавно молеа за помош при гасењето, бараа воздухопловна поддршка, додека огнените стихии голтаа се пред себе.
Кон крајот на 2021 година се објавија и резултатите од истражувањето околу тоа колкави штети претрпе Македонија поради пожарите.
Статистичкото истражување тогаш го спроведе Државниот завод за статистика во соработка со ЈП Национални шуми, а резултатите беа поразителни.
-Од вкупните штети од пожарите најмногу беа зафатени шумите од мешаните насади, кои учествуваа со 52.2 %, шумите од листопадни видови со 30.2 %, шумите од иглолисни видови со 10.1 %, додека приземната вегетација учествуваше со 7.4 %.
Опожарената дрвна маса во шумите изнесува 482 106 м3, а износот на проценетата материјална штета изнесува 2 318 091 000 денари, односно околу 38 милиони евра, гласеа резултатите од истражувањето.
Според тогашните податоци, во периодот јуни – септември 2021 година, имало 142 шумски пожари од кои биле зафатени 11 420 ха површината под шума.
Вики Клинчарова