Македонија ѝ го предаде на Албанија претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).
Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај соопшти дека ќе се фокусираат на неколку приоритети – членство во ЕУ, економска стабилност, зелена и дигитална агенда, туризам, култура и регионално поврзување.
На прес-конференција вечерва во Скопје, претседателот на Албанија ја поздрави Северна Македонија за „успешното и динамично претседавање со ПСЈИЕ“.
„Јас сум убеден дека работата и резултатите постигнати во време на вашето претседателство придонесоа да имаме посилна и поактивна организација и да изградиме подобра и подемократска иднина. Албанија останува проактивен поддржувач за регионалната соработка која го подобрува животот на граѓаните, ги засилува односите за добра соработка и помага во евроинтеграциските процеси“, рече Бегај на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, чија земја претседаваше со ПСЈИЕ минатата година.
Бегај додаде дека во третото претседавање со ПСЈИЕ, кое ќе почне од јули, на Албанија ќе и помогнат искуството и успесите од досегашните претседавања со оваа организација.
Претседателот на Црна Гора Милатовиќ му посака успех на Бегај во едногодишниот мандат со водење на организацијата, а на Силјановска Давкова и го честиташе изборот за претседател на државата.
На прес-конференцијата тој истакна дека Црна Гора и Северна Македонија делат заедничко минато, заеднички одговараат на предизвиците на сегашноста и, како што рече, уверен е дека имаме и заедничка европска иднина.
Посочи дека за време на претседавањето на Црна Гора со ПСЈИЕ минатата година, дефинирале две приоритетни теми – забрзување на европските интеграции на нашиот регион и унапредување на регионална соработка.
„Една година подоцна, денеска овде, во Скопје, со задоволство можам да констатирам дека направивме сите заедно значајни чекори во остварување на наведените цели и денеска сме многу поспреми за соочување со предизвиците што се пред нас“, рече Милатовиќ.