775
Македонија нема да учествува на Детскиот избор за песна на Евровизија кој ќе се одржи на 29-ти ноември во Варшава, Полска. На Твитер профилот на МРТ вчера ја објавија одлуката, без да се прецизира која е причината поради откажувањето на учеството на Детски Евросонг 2020, но претпоставка е дека откажувањето доаѓа поради состојбата со корона вирусот.
-Со жалење Ве известуваме дека Македонија нема да учествува на Детскиот избор за песна на Евровизија 2020 година. Се надеваме дека состојбите ќе се променат на подобро за изданието во 2021 година. На сите кои можат да учествуваат им посакуваме забавни моменти и да го движат светот- порачаа од МРТ.
Лани Детски Евросонг исто така се одржа во Полска, која го освои првото место. Нашата земја ја претставуваше Мила Москов со песната ,,Оган” и го освои шестото место. Таа за време на пробите го повреди десното колено, по што ногата и беше имобилизирана со лонгета, а целата кореографија на настапот беше сменета и прилагодена според новата состојба.
-Од буџетот беа одвоени околу 20 илјади евра за целиот настан. Во таа сума беше вклучено се. Котизацијата, билетите за сите шест лица кои бевме во Полска, сместување, гардероба, сценски настап, сите подготовки. Шпекулациите за суми од стотици илјади евра се неосновани, ние поминавме скромно, но сепак имавме успешно претставување на настанот – ни изјави по враќањето во Македонија Раде Спасовски, шеф на нашата делегација за Детска Евровизија.
Вики Клинчарова