Изминатиов викенд во Верона, Италија се одржа Prize Giving Ceremony, односно се доделуваа награди за престижниот европски шампионат во брзински моторциклизам. Најуспешните го добија своето признание, меѓу нив беше и македонецот Христијан Бузалковски, кој одново докажа дека со многу труд, истрајност и напорна работа успехот е гарантиран-истакнуваат од тимот на Бузалковски.
Посочуваат дека Македонија за прв пат имаше свој претставник. Христијан Бузалковски заедно со неговиот тим, испишаа историја за македонскиот мотоспорт и на овој шампионат го освои бронзениот медал.
-Огромна чест и задоволство е да се натпреваруваш на ваков шампионат, а уште поголема е кога ќе освоиш медал од истиот! Истовремено сум многу среќен и горд што заедно со мојот тим успеавме да испишеме историја во Македонскиот мотоспорт и што вложениот труд испливува на површина. Овој бронзен медал нас е силна мотивација за идните планови и цели, вели Христијан Бузалковски.
Со Prize Giving Ceremony се заокружи 2023-та година, односно доделените награди се за цела претходна сезона, која за Христијан беше подеднакво напорна и плодна.
Христијан за овие десет години активно натпреварување, ја претставува Македонија во најдобро светло во овој спорт, и покрај сите предизвици гордо го носи епитетот „трикатен БМУ шампион“.
Македонија го доби својот прв награден мотоциклист на европски шампионат, а голема е веројатноста дека во иднина ќе го има и првиот европски или светски шампион-порачаа од тимот на мотоциклистот.
Вики Клинчарова