Македонија го доби „она за што се бори со години“, вели Маричиќ

by Fokus

Со изменетиот, пречистен, дополнет француски предлог, го добивме она за што се бориме со години – чиста формулација на македонскиот јазик, без никакви фусноти, ѕвездички или објаснувања, што за нас беше најважно во зачувувањето на нашите национални интереси, вели вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во ексклузивно интервју за белградски „Блиц“.

– Успеавме да го заштитиме македонскиот јазик, како што ветивме. Граѓаните немаат за што да се грижат, македонскиот јазик со овој предлог станува еден од идните официјални јазици на Европската Унија. Заштитувајќи го македонскиот јазик, најдиректно ја обезбедуваме заштитата на идентитетот на македонскиот народ, наведува Маричиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, одговарајќи на прашање на „Блиц“ за ставот на опозицијата „за постоење на две сценарија за вечни преговори со ЕУ или асимилација под диктат на Бугарија“, Маричиќ порачува дека францускиот предлог за надминување на спорот Скопје-Софија има две сценарија – почеток на преговорите со ЕУ и реална можност полесно и побрзо да се излезе од лавиринтот за да се решат отворените прашања со Бугарија.

– Добивме предлог кој ги исполнува сите наши приговори и затоа мислам дека вреди сериозно да се разгледа. Со францускиот предлог и личното вклучување на претседателот (Емануел) Макрон во целиот овој процес, беше потврдено дека Брисел има волја и желба Северна Македонија и Албанија да започнат преговори, нагласува Маричиќ, наведувајќи дека другото сценарио би било да се одбие тој предлог и да се чека некој друг, нов, што би дало нова шанса за нови барања од Бугарија и да го усложни целиот процес, особено сега, кога Бугарија е пред избори и кога македонското прашање повторно ќе се актуелизира.

– Сите лажни вести, дезинформации од опозицијата, кои паѓаат во вода, само предизвикуваат страв, несигурност и емоции кај граѓаните, што е и природно, бидејќи станува збор за национални прашања, оценува Маричиќ.

На прашањето што доби Северна Македонија со францускиот предлог, Маричиќ одговора дека со изменетиот, прецизиран и дополнет предлог го добила „она за што се бори со години“, а тоа е чиста формулација на македонскиот јазик, без никакви фусноти, ѕвездички или објаснувања.

 

Поврзани новости