Македонија е земја со една од најголемите преваленции на дијабетес во светот, како резултат на високиот степен на сите ризик фактори кои го предизвикуваат, како што се дебелината, лошите навики во исхраната и намалената физичка активност, посочи претседателката на Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Македонија, Татјана Миленковиќ, на денешната прес-конференција по повод Светскиот ден на дијабетесот – 14 Ноември.
Миленковиќ посочи дека скоро 50 отсто од популацијата во земјава живее со зголемена телесна тежина, додека повеќе од 50 отсто се пушачи со лоши навики во исхраната и намалена физичка активност.
– Дијабетесот како една од незаразните болести претставува вистинска пандемија, како во светот, така и кај нас. Во Македонија, за жал, ние сме земја со една од најголемите преваленции на дијабетес во светот, заради тоа што ги имаме сите ризик фактори кои го предизвикуваат дијабетесот, а тоа е дебелината. Кај нас скоро 50 отсто од популацијата живее со зголемена телесна тежина, односно со дебелина, повеќе од 50 отсто пушат и имаат лоши навики во исхрана и уште полоши за физичка активност, посочи Миленковиќ.
Загрижувачки е, додаде, што младата популација во годините што доаѓаат ќе развијат дијабетес, поради што живее со обезност. Оваа генерацијата, вели Миленковиќ, ќе има понизок животен век од нивните родители, како резултат на незаразните болести кои што се главна причина за смрт во светот.
– Загрижувачки е што младата популација е таа која живее со обезност и која што во годините што доаѓаат, ќе развијат секако дијабетес и не само дијабетес, туку и болести кои што се придружни на дијабетесот, а од кои што умира светската и нашата популација. Тоа се кардиоваскуларните болести, затоа што сите заедно ги делат истите ризик фактори. Значи, нашата општествена улога, како доктори, е да се трудиме да се вратат здравите навики во исхраната, да се консумира здрава храна, да се прекине со пушење, да се зголеми физичката активност, за да можеме да направиме популација која што ќе ги надживее родителите. Се смета дека оваа генерација ќе има понизок животен век од нивните родители, поради овие незаразни болести коишто се главна причина за смрт во светот, рече Миленковиќ.