Македонија увезува дури една третина од струјата и е најзависна земја од увоз во регионот. Над 90 отсто од струјата во Косово е од јаглен, а целата струја во Албанија е од обновливи извори. Црна Гора произведува најмногу струја од ветер. Босна и Херцеговина е единствена која има и за извоз, се вели во анализата на Радио Слободна Европа.
Ситуацијата со производството на струја во Македонија е црна, и буквално и фигуративно. Од една страна не се произведува доволно, па земјава купува од странство по многу високи цени, а од друга страна, најголем дел од струјата што се произведува е од јаглен, кој ја загадува животната средина.
Македонија увезува дури една третина од струјата што ја троши.
Со производство на струја не може да се пофали ниту Косово. И кај нив не се произведува доволно, а и таа што ја произведуваат е од јаглен, во термоцентрали кои се големи загадувачи.
Србија, Албанија и Црна Гора се скоро на нула. Произведуваат колку што трошат.
Босна и Херцеговина е единствена земја во регионот која има и за извоз.
Целата струја што ја произведува Албанија е од обновливи извори на енергија, во најголем дел од хидроцентрали.
Над 90 отсто од струјата во Косово се произведува од јаглен.
Црна Гора е апсолутен лидер во регионот во призводство на струја од ветер. Скоро 9 отсто од струјата им е произведена во ветерни централи.
Србија најмногу произведува, но и најмногу троши.
Албанија троши најмалку струја по жител, а Црна Гора најмногу.
Производството на струја во сончеви централи во регионот е занемарливо.
Целиот регион во голема мера е зависен од јаглен за производство на електрична енергија.
Сите земји извезуваат кога имаат вишоци, и увезуваат кога им треба, но Македонија е најголем нето увозник на струја.