Македонија е најбезбедна земја на Западен Балкан, порача Спасовски

by fokus

Во својот говор на централната прослава, министерот откри и дека во тек се осум национални и 12 локални оперативни акции од областа на класичниот и сериозниот криминал, а во моментов се постапува по 244 криминалистички истражувања

Македонија е најбезбедна земја на Западен Балкан, во друштво на 36-те најбезбедни земји во светот. Тоа се наши заеднички резултати, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во говорот на централната прослава за Денот на македонската полиција – 7 Мај, што се одржува на сцената на Долни Сарај во Охрид.

-Со задоволство можам да констатирам дека минатата година ја завршивме со шест отсто намалување на вкупниот криминалитет, а откривачката функција на кривичните дела од организиран криминал бележи зголемување од 40 отсто. Дури 70 отсто е зголемувањето на откриените дела поврзани со шверцување мигранти, а зголемување за над 30 отсто имаме и во спречените обиди за илегално преминување на државната граница. Запленивме над 2,4 тони дрога, како и 20 тони најразлични прекурсори, сузбиени се 15 криминални групи, од кои дури 12 делувале во областа на недозволената трговија со дрога. Спречени се вкупно осум меѓународни транспорти на марихуана, кокаин и хероин, потенцираше министерот.

Спасовски и за првите четири месеци од оваа година истакна дека вкупниот крминалитет е намален за 12,6% во однос на истиот период лани, во тек се осум национални и 12 локални оперативни акции од областа на класичниот и сериозниот криминал, а во моментот се постапува по 244 криминалистички истражувања.

Денеска со пригодна свеченост на сцената на Долни Сарај во Охрид, во присуство на претставници на Владата, Собранието, раководството на ИНТЕРПОЛ, министри за внатрешни работи и директори на полиции од регионот, дипломатскиот кор, претставници на локалната самоуправа и верските заедници, раководството на Министерството за внатрешни работи и бројни пријатели и гости се одржа централната прослава за одбележување на Денот на македонската полиција – 7 Мај.

Поврзани новости