Македонија е на границата на ризичната зона во која би можел да падне делот од кинеската ракета што неконтролирано паѓа кон Земјата.
Мапата што ја објави „Си-ен-ен“ покажува дека северната граница на ризичната зона поминува низ земјава, како и преку територијата на соседна Албанија.
Цела Грција, најголемиот дел од Италија, Шпанија и Португалија, исто така, се во ризичната зона од европските земји.
Ризичната зона е прикажана и на мапа на Европската вселенска агенција (ЕСА), која објави дека ракетата би можела да падне на површината од планетата Земја помеѓу 41,5 степен северна и јужна географска ширина.
На оваа мапа, северната граница на ризичната зона поминува под јужната граница на Македонија. Покрај споменатите делови од Европа, зоната ги опфаќа и цела Америка јужно од Њујорк, цела Африка и делови од Азија.
Поради брзината со која се движи, научниците не може точно да предвидат каде би паднал делот од ракетата, тежок 22 тона, но најголеми се шансите тоа да се случи во океан.