Македонија е мал пазар за кокаин – групата на Шеваљ најмногу заработувала во странство

by fokus

Македонија e мал нарко пазар за кокаин споредено со земјите од Европската унија за организираните криминални групи кои дејствуваат меѓународно. Една таква група која делувала и меѓународно е групата од Грчец на чело со нарко-босот Шеваљ Муареми, а беше сузбиена во големата полициска акција спроведена на крајот од јануари.

„Фокус“ доби објаснување од Министерството за внатрешни работи каква е  позицијата на македонските криминални групи во меѓународниот нарко-пазар со кокаин.

Од информациите од МВР може да се заклучи дека Македонија е мал пазар споредено со земјите од Европската Унија и само мал дел од кокаинот завршува тука, а оние што организираат транспорти од Јужна Америка во ЕУ, каква што е групата Грчец, дејствуваат надвор од Македонија.

„Нашата држава е транзит држава (имајќи го предвид фактот со близината на пристаништето во Пиреа-Атина и пристаништето во Солун).

Организираните криминални групи, кои се дел од меѓународните криминални групи за недозволена трговија со кокаин, најчесто дејствуваат со нивната недозволена трговија надвор од територијата на Република Северна Македонија (во улога на транспортери-возачи на камиони, улични дистрибутери на кокаин) и сл., како што тоа беше пример во минатото (Франкфурт), а сè уште се добиваат извештаи за лица државјани на Република Северна Македонија, кои се лишени од слобода заради недозволена трговија со кокаин кои биле во улога на транспортери-возачи на камиони во земјите од ЕУ и скандинавските земји.

Исто така, државјани на Република Северна Македонија организираат транспорти на кокаин од земјите на потекло (Латинска и Централна Америка) до земјите од ЕУ, но тие дејствуваат надвор од границите на Република Северна Македонија“, објаснуваат од МВР за „Фокус“.

Значи групата на Шеваљ Муареми е само дел од поголеми меѓународни криминални групи, кои, исто така, се вклучени во организирање на набавка и транспорт на кокаинот и најверојатно тие се задолжени за македонскиот пазар на кокаин, дрога која е „ин“ последниве години.

Бандата од Грчец се товари шверцувала кокаин и била вмешана во убиства и обиди за убиства, а полицијата во селото и низ Скопје најде и уапси само шестмина.

Еден беше уапсен во Шпанија, а останатите деветмина, меѓу кои и Муареми, не се достапни за полицијата.

Неделникот „Фокус“ во последниот број објави репортажа од Грчец, селото од каде потекнува недопирливиот Муареми кој сега е во Дубаи.

Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости