Вчера во Кавадарци гостуваше музичкиот караван ,,Македонијо, во срце те носиме”, и пред публиката на градскиот плоштад беа изведени 12 обработки на стари патриотски песни.
Проектот чија цел е да им се продолжи векот на песните и да им се приближат на младите генерации е дело на Скендеровски продукција, и веќе гостуваше во Штип, Велес, Битола, Прилеп, Кочани и Тетово. По завршувањето на настанот во Кавадарци, градоначалникот Митко Јанчев порача дека е испратена пораката да се чува Македонија и музичкиот аманет, и цитираше стих од песната ,,Заветна”.
-Вечерва Кавадарци го обоивме со звуците на најубавите патриотски песни и испративме порака до сите дека треба да го чуваме она што го имаме, највредното, Македонија и музичкиот аманет што ни го оставиле генерациите пред нас. Македонија е бесмртна, жива вода подземна, кај што тоне, таа извира- истакна градоначалникот.
По концертот во Кавадарци, патриотскиот музички караван ќе настапи и во Скопје на 12-ти октомври, во паркот пред салата Расадник во Кисела Вода. Дел од музичарите кои ги изведуваат обработките на старите песни се Сузана Спасовска, Наум Петрески Ламбе Алабакоски, Зуица Лазова, Миле Кузмановски и други. Ова е прв дел од караванот, за кој има најави дека ќе продолжи и во другите градови наредната година.
Вики Клинчарова