Македонија е 100 отсто зависна од руски гас, немаме луксуз да се откажеме, вели Бислимовски

by fokus

Во моментов земјава 100 проценти од потребите за природен гас ги обезбедува од Русија и е 100 процентно зависна исто како и Молдавија и Босна и Херцеговина и затоа не можеме да си дозволиме луксуз да се откажеме од рускиот гас, порача вечерва претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.

-Мојот личен став е дека немаме таков луксуз да се откажеме од природниот гас. Имаме грејна сезона која е во тек и доколку би се откажеле би требало да се грееме со мазут. Покрај тоа, сите компании кои го прават најголемиот извоз во државата користат природен гас.

Таа ситуација би претставувала сериозен проблем за работењето на овие компании. Затоа сметам дека во овој момент не можеме да се откажеме од природниот гас, бидејќи реално не веруваме дека има алтернатива и не може во овој момент да има алтернатива, рече Бислимоски во емисијата Топ тема на ТВ Телма.

Откажувањето од рускиот природен гас, како што кажа, ќе предизвика сериозен удар врз македонската економија.

– Очекувам дека и Европската унија ќе треба да помогне во овој регион. Ако имаме проблеми со природниот гас ќе треба да се најде начин да ни помогнат. Верувам дека ќе преовлада разумот и дека ќе продолжи испораката на природниот гас.

Во овој момент снабдувањето со природен гас е стабилно и непречено доаѓа. Работи Те-То, БЕГ работи и сите други компании. Го користат по драстично повисоки цени, но најскапа енергија е онаа што ја немате, посочи Бислимоски.

 

Поврзани новости