Американецот Пол Вилијамс, еден од авторите на Охридскиот рамковен договор, ќе биде еден од оние кои Демократската унија за интеграција (ДУИ) ќе ги ангажира за прецизирање на законско или уставно решение на т.н. Мајски договор, односно озаконување на меѓупартиското коалицирање по принципот победник со победник.
Ова денеска на прес-конференција во Собранието го потврди координаторот на пратеничката група на коалицијата „Европски фронт“, Блерим Беџети.
Неговата изјава следува по состанокот на ДУИ од претходниот викенд на кој партијата усвои три резолуции, меѓу кои, една за почитување на начелото легитимитет во контекст на одредбите од Охридскиот договор, а друга за неопходноста од спроведувањето на Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија.
„Во партијата усвоивме три резолуции. Секако дека ќе изготвиме решение бидејќи по вторпат во државата се случува да не се почитува легитимитетот. Имајќи предвид каква е етничката реалност во државата, тоа би довело, ако дозволиме така, да се нарушат многу досегашни достигнувања во духот на Рамковниот договор.
Истовремено јавно објавивме дека е ангажиран и еден од оние што го изготвија Рамковниот договор и духот на овој договор да се прецизира со законско или уставно решение начелото победник со победник, односно партиите коишто го имаат етничкиот легитимитет и не случајно ние како ‘Европски фронт’ имаме политички став дека оваа Влада нема легитимитет“, изјави Беџети.
Пол Вилијамс е професор по право и меѓународни односи на Американскиот универзитет, предава на Факултетот за меѓународни односи и на Вашингтонскиот правен колеџ. Тој е претседател и коосновач на Групата за меѓународно јавно право и политика (PILPG) – невладина про боно организација која им помага на земјите и владите во мировни преговори, во уредување на пост-конфликтното законодавство и асистира во изготвување документација за кривично гонење на воени злосторници.