Во организација на повеќе ентузијасти и планинарски здруженија се формира македонска бесконечна трансверзала (со скратено, уметничко име Sammiana) – планинарска патека долга дури 2.070 км и која ги опфаќа најголем дел од планините и природните убавини во Македонија, што е и најдолгата планинарска трансверзала на Балканот и ќе се најде на мапата на долги европски и светски трансверзали, а со тоа ќе стане и примамлива дестинација за сите планинари од целиот свет, кои се љубители на трансверзалното планинарење.
Источното крило во должина од 1175 км е веќе во финална фаза .Трасата е речиси целосно комплетирана и мапирана и на веб страната www.sammiana.com веќе се објавени неколку прецизни и детални дигитални мапи со комплетни ГПС записи за симнување. Во периодот кој следи ќе бидат целосно објавени и комплетирани преостанатите Мапи и ГПС записи со што целата траса на источното крило ќе стане функционална. Западното крило, иако е во голем дел трасирано, сепак сеуште е во фаза на подетално трасирање и мапирање и се очекува да биде завршено до крајот на 2024-та година. Се вкупната должина на западното крило се очекува да изнесува помеѓу 850 и 900км.
Се работи за огромен проект не само поради импресивната должина туку и поради тоа што поголемиот дел од трансверзалата, односно околу 1.500 км се нови патеки. Дополнително, со трасата се промовираат и предели што се помалку познати за планинарската заедница и на некој начин се неправедно запоставени и покрај својата убавина и ќе биде магнет за илјадници домашни и странски планинари и ќе биде гордост за македонското планинарство и бенефит за македонскиот туризам и економија..
Покрај трасирањето на самата трансверзала, во исто време првпат земјава ќе добие долгометражна патека за која ќе постојат прецизни и детаљни мапи и ГПС-записи, добро документирани и со сите потребни информации за домашните и странските уживатели на трансверзалата.
Македонска Бесконечна Трансферзала е мега кружна трансверзала – непрекината планинарска патека која поминува низ поголемиот дел на територијата на Македонија, поминувајќи директно или во непосредна близина на огромен број природни убавини, историски локалитети и други знаменитости.
Во светот постојат многу т.н. долгометражни ( Long distance – Thru Hiking ) патеки, во Македонија и покрај одличните услови досега за жал нема патека која може да се вброи во оваа категорија, освен западната македонска трансверзала со должина од околу 170 километри и неколку помали кои се помалку познати за кои не постои прецизна мапа/ГПС запис со точни информации за извори на вода , погодни места за кампување, информации за околината и слично, така да се непримамливи за планинари кои веќе добро не ги познаваат овие патеки и околината.
Затоа целта на овој мега проект е Македонија да добие долгометражна патека која ќе биде убава за движење, јасна и маркирана на терен, а дополнително прецизно и комплетно дигитално мапирана на ниво на сите поголеми светски трансверзали. Со тоа, во иднина оваа трансверзала ќе биде магнет за илјадници домашни и странски планинари и ќе биде гордост за македонското планинарство и бенефит за македонскиот туризам и економија.
Трансверзалата има една централна точка од каде што може да одберете да тргнете во четири насоки , а потоа по отприлика 40-50 дена повторно да се најдете на истата централна точка и да продолжите во друга насока или да продолжите по веќе поминат дел но во спротивна насока. По два месеца веќе е сменето годишното време и може повторно да продолжите по веќе поминат дел од патеката за да добиете сосема ново искуство и доживување бидејќи истиот тој дел веќе има сосема друг лик. Имајќи во обзир дека може да одберете и веќе поминат дел но во спротивна насока, испаѓа дека може да пешачите со месеци, т.е. бесконечно и цело време да не се осетите дека одите по истата патека.Кога ќе го додадеме и фактот дека патеката на мапа личи на математичкиот симбол за бесконечност ( infinity, endless ) , тогаш јасно е дека патеката со право можеме да ја викаме „бесконечна“.
Таа се трасира така да пружи вистинско задоволство за љубителите на ваков тип спорт и рекреација. За што поголемо уживање на љубителите на планинарењето, трасата се стреми кон дивината, т.е. подалеку од цивилизација. Поминува преку или во подножјето на сите попознати и голем број помалку познати планински врвови, со што се има можност за кратко време преку дополнителните странични патеки да се искачат било кој од нив што дава дополнителен предизвик на самата патека.
Целата трансверзала е поделена на секции така што секоја секција сама по себе е една трансверзала, а неколку секции прават едно крило. Со ваквата поделба со комплетирањето на целата трансверзала воедно ќе се добијат 15 други трансверзали, различни по должина, денивелација, природна околина и друго, што значи за различни типови планинари, различен терен, за различно време во годината итн.
Уште една предност на трасата е тоа што таа е многу разновидна во секој поглед, почнувајќи од надморски висини, тип на терен, тип на опкружување, тип на попатни дополнителни интересни точки итн. Според нашите сознанија на останатите трансверзали во Европа и САД, ниедна друга нема толкав диверзитет како Македонската Бесконечна Трансверзала.
Повеќе информации за новата македонска мега трансверзала може да се најдат на www.sammiana.com
ПР