Првиот медал за Македонија на Младинските олимписки игри во Буенос Аирес го освои каратистот Фаик Весели. Тој во полуфиналето се бореше против Јамаока Масаки од Јапонија, и ја загуби борбата.
-Во борбата за финале, Фаик Весели во крајно неизвесна борба при резултат 0:0 и три опомени (чукоку) и за двајцата каратисти, ја загуби борбата бидејќи главниот судија на 9 секунди до крајот на борбата му додели четврта опомена на нашиот каратист што значеше крај на мечот и финале за Масаки Јамаоко. Интересно е да се напомене дека двајцата каратисти кои го победија Фаик Весели, се бореа за златниот медал, финале во кое Масаки Јамаоко, како што ја доби борбата со Фаик, на ист начин, заради четири опомени, го загуби финалето од Асири Мохамед Ајед (Саудиска Арабија) кој го совлада Фаик во првото коло –информираат од МОК.
Сепак, било одлучено поразените каратисти и без борба да добијат бронзен медал. Освоениот медал е најголемиот успех на македонскиот спорт во младинска конкуренција на Младинските олимписки игри.
Од МОК упатија честитки до Фаик Весели, но и до неговиот тренeр Александар Кузмановски за постигнатиот историски резултат и освоен прв медал за Македонија на Младинските Олимписки Игри. Синоќа на церемонијата на затворање на МОИ 2018 Весели го носеше македонското знаме.
Вики Клинчарова