Министерот за здравство Венко Филипче денеска прими две донации, едната од 2.313.000 денари за медицинска опрема од Амбасадата на Народна Република Кина и една од 100 илјади долари за борба против Ковид-19 од Друштвото на Црвениот крст на Кина. Филипче најави дека до крајот на месецов ќе пристигне и големата количина вакцини Синовак.
Тој се заблагодари на амбасадорот Џанг Ѕуо и на народот на Народна Република Кина, кои, како што рече, се нашите најголеми поддржувачи во делот на менаџирање на ковид кризата.
– Уште во текот на минатата година и во текот на оваа година најпрво со помош од 30 илјади долари за лична заштитна опрема, понатаму 100 илјади долари наменети за набавка на лекот Фавипиравир, и сега оваа последна многу значајна помош од медицинска опрема која се користеше за да се пренаменат различни одделенија тука во Клиничкиот центар во ковид центри, опрема без која немаше да може да се третираат овие пациенти, за тоа сакам да упатам голема благодарност, изјави Филипче.