Македонија до февруари треба да поднесе извештај со напредок за заштита на Охридскиот регион

by fokus

Северна Македонија и Албанија како држави што управуваат со Охридскиот регион како светско културно-историско и природно богатство ќе мора до први февруари наредната година до УНЕСКО да достават извештај со реализиран напредок во спроведувањето на активностите посочени во препораките за заштита на Охридскиот регион.

Во ревидираните одлуки што ги донесе Комитетот за Светско наследство при Организацијата на ОН за образование, наука и култура на продолжената 44-та пленарна сесија одржана во Кина стои дека Експертскитe тела на ИУЦН (за природно наследство) и ИКОМОС (за културно наследство) инсистираат двете држави да разработат детален стратешки план за обновување со соодветен акциски план што би се реализирал етапно, но според јасно дефинирани и утврдени краткорочни и долгорочни рокови за анулирање на постоечките закани. Истовремено се бара планот да се темели врз врз препораките на Реактивната Мониторинг мисија од 2020 година, со сеопфатна прекугранична политичка и институционална рамка за решавање на сериозните и повеќеслојни закани и предизвици со кои се соочува Охридскиот регион. Планот треба да биде доставен до Центарот за светско наследство до 1 февруари наредната година.

Истовремено, со одлуките од Кина се бара од Македонија и Албанија до 1 февруари 2023 година пред Центарот за светско наследство да достават ажуриран заеднички извештај за состојбата на регионот, вклучително и извештај за постигнатиот напредок во спроведувањето на посочените забелешки. Во документот се нотира дека доколку на 46-тата сесија на Комитетот на УНЕСКО не бидат анулирани постоечките закани по Охридскиот регион и неговите исклучителни вредности, останува отворена опцијата за евентуално поместување на регионот на Листата светски наследства во опасност.

Во останатиот дел од одлуката се посочува дека изминатите години се исполнети дел од препораките содржани во извештаите на последователните реактивните мисии, некои делумно или недоволно спроведени додека голем број од нив воопшто и не биле адресирани.

Поврзани новости