Ако денешна Северна Македонија тврди дека ги следи заветите на Гоце Делчев тогаш во Уставот треба да ги вклучи неговите сонародници за кои тој го жртвувал својот живот, порача бугарскиот претседател Румен Радев во својот говор на одбележувањето на 120-годишнината од смртта на револуционерот.
-Пред 120 години, еден од најхрабрите витези на нашето ослободително движење во Македонија и Одринска Тракија го овековечи своето име засекогаш. Посветувајќи го својот живот на слободата, Гоце Делчев рано тргна по стапките на Левски и ослободителната борба на која ѝ остана верен до крај. Неуморниот организатор и надалеку признаен водач на Бугарите во Македонија и Одра, Гоце Делчев, инспирираше, водеше и со својот личен пример го исцрта патот кон ослободувањето, рече Радев.
Тој порача дека денес секој што тврди дека го ставил делото на Гоце Делчев во темелите на својата државност, не треба да го истакнува бројот на портрети и споменици туку треба да има сила да ги следи неговите идеали.
-Нека неговото верување најде свое бескомпромисно место во јавноста, животот и секојдневието на граѓаните на Балканот. И ако денешна Република Северна Македонија тврди дека ги следи заветите на Гоце Делчев, зошто не наоѓа сила да ги вклучи во својот Устав неговите сонародници за чија слобода тој го жртвуваше својот живот?, рече тој.