Македонија да ги почне преговорите со ЕУ без какви било условувања и барања, велат од Демократскиот сојуз

by Fokus

Во пресрет на денешната посета на Урсула Фон Дер Лајен, Демократскиот сојуз соопшти дека очекуваат од претставниците на Владата и претседателот на државата, да инсистираат Македонија да ги почне преговорите со ЕУ без какви било условувања и барања кои не се дел од Копенхашките критериуми.

Македонија од 2006 година направи повеќе непринципиелни отстапки, промена на знамето, Уставот и името на државата, со кои се загрозуваат нашите идентитетски вредности, велат од партијата.

„Европската унија до крајот на оваа година, треба да ги отвори преговарачките кластери, пристапните фондови и Македонија да ја стави на брза лента за полноправно членство. ЕУ тоа им го должи на граѓаните.

Претседателот на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лајен, треба да се заложи Советот на ЕУ да донесе одлука, историските, образовните и идентитетските прашања да не можат да бидат основа за блокирање на евроинтеграциите на Македонија.

Непринципиелните и негаторски барања од страна на Бугарија треба да бидат предмет на билатерални разговори и да се решаваат со добра волја, меѓусебно разбирање и на реципрочна основа“ соопштија од Демократскиот сојуз.

Оттаму додаваат дека една од клучните работи што треба да ги направи официјална Софија е да ги признаае правата на Македонците во Бугарија, истите права што ги имат Бугарите во Македонија.

„Тоа е мал чекор, но со историски димензии и основа за подобрување на односите помеѓу двата народи и двете држави“ порачаа од партијата.

Поврзани новости