Македонија бележи пад во борбата против корупцијата

by Fokus

Македонија се најде на 88-то место од 180 држави, според Индексот за перцепција на корупцијата, кој секоја година го објавува Транспаренси Интернешнл.На скалата каде 0 е најкорумпирана, а 100 е најмалку корумпирана, Македонија има 40 поени, односно два поени помалку од 2023 година, кога беше рангирана на 76-та позиција.

Северна Македонија го дели 88. место на рангирањето за Индексот на перцепција на корупцијата за 2024 година на „Транспаренси интернешнл“ заедно со Казахстан, Суринам и Виетнам.

Земјава е рангирана на 88. место со 40 индексни поени, што е за три под просекот (43 од можни 100). Во однос на 2023 година земјава бележи пад од два индексни поени кога била рангирана на 76. позиција.

Во регионални рамки, најдобро рангирана е Словенија, која е на 36. позиција со 60 индексни поени и има напредок од 4 поени во однос на 2023 година. Од другите земји од регионот Хрватска е на 63. место пред Црна Гора која е две места подолу на табелата. Во рангот од 70. до 80. место се Косово, Бугарија и Албанија, а за Северна Македонија се Србија на 105. место и Босна и Херцеговина на 114-та позиција со 33 индексни поени.

„И оваа година Индексот на перцепција на корупцијата кој го објавува ’Транспаренси интернешнл’, покажува дека Македонија е далеку под минимумот од 50 поени кои се долната граница под која не може да се каже дека една земја има задоволителни активности насочени кон сузбивање на корупцијата. Во новиот извештај за индексот на перцепцијата на корупцијата имаме 40 поени што е за два поена помалку од минатата година и бележиме пад од дури 12 позиции на табелата заземајќи ја 88 позиција“,вели Благоја Пандовски, претседател на „Транспаренси интернешнл-Македонија“.

Според Пандовски, овие негативни резултати се последица на големиот број на скандали кои се случија минатата година, а особено во областа на судството, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители.

Неказнивоста на високата корупција поврзана со лица на јавни позиции, индициите за политичко влијание во судството, лошата контрола која Судскиот совет ја врши врз судиите и 40-те препораки на Оценската мисија на Европската Унија, кршењето на законот со изборот на кандидати за Академијата на судии и јавни обвинители за време на избори се само дел од скандалите кои го тресеа судството,додава тој.

Поврзани новости