Убијците на Јован Вукотиќ (42), водачот на Шкаљраскиот клан, кој беше брутално убиен во Истанбул, наводно со месеци се обидувале да го најдат, откако во август минатата година ја напуштил Црна Гора и потоа му се губи секаква трага.
Според неофицијални информации, убијците успеале да дојдат до водачот на „Шкаљарците“ откако ја лоцирале неговата сопруга. Инспекторите се сомневаат дека зад бруталната ликвидација стои спротивставениот Кавачки клан, со кој Вукотиќ и неговата организација се во конфликт од 2014 година.
Вукотиќ беше крајно претпазлив бидејќи знаеше дека со години е мета и дека ривалскиот Кавачки клан се обидува да му влезе во трага. Извесен период се шпекулира дека тој и неговото семејство нашле „сигурна куќа“ во Истанбул.
Сепак, како што се сомнева, суровите убијци успеале да ја лоцираат неговата сопруга и така да дојдат до него – открива извор на српски „Курир“.
Како потсетување, Вукотиќ беше убиен во автомобилот во кој бил со бремената сопруга Маша М. и нивната ќерка.
Изворот на „Курир“ открива дека, судејќи по изјавите на сведоците и трагите пронајдени на местото на убиството, Јован Вукотиќ забележал дека е во животна опасност.
Одредени докази од местото на злосторството укажуваат дека тој се обидел да го откачи појасот, но не успеал, бидејќи убијците биле побрзи. Тоа укажува дека веројатно ги забележал кога со голема брзина се приближувале кон автомобилот.
Можно е да имал намера да се наведне и на тој начин да се заштити – изворот на „Курир“ открива нови детали од истрагата за ликвидацијата.
Двајца напаѓачи
Тој наведува и дека сведоците опишале дека неговата сопруга врескала и викала помош, а преплашеното дете плачело во автомобилот.
Се сомнева дека имало двајца напаѓачи на мотоцикл. Според неофицијални информации, убијците со мотор се приближиле до автомобилот, сопатникот испукал неколку истрели, а потоа стиснале гас и побегнале.
Во убиството сигурно имало повеќе луѓе, сигурно е дека го следеле Вукотиќ барем неколку дена и го чекале вистинскиот момент. Не е исклучена можноста некој да им дал сигнал на убијците кога да одат – додава соговорникот на „Курир“.
Според неофицијални информации, Вукотиќ со себе имал пасош на друго име, кој најверојатно го користел за да ја затскрие трагата.
Да потсетиме, за време на судскиот процес за употреба на фалсификуван македонски пасош, Вукотиќ пред судот во Белград призна дека користел патна исправа со негова слика, но со друго име, за да ги преминува границите, како и за „корумпираните полицајци да не ги информираат убијците каде се наоѓа“.
Засега не е познато како убијците ја лоцирале Маша М., со која Вукотиќ е во вонбрачна врска од 2018 година. Таа ќе биде сослушана во турската полиција бидејќи е очевидец на злосторството што се случи – додава изворот на „Курир“.
Исто сценарио и за кумот
Соговорникот на „Курир“ потсетува дека во јануари 2020 година убијците успеале на ист начин во Атина да го лоцираат најблискиот соработник и кум на Вукотиќ, Игор Дедовиќ.
Дедовиќ беше убиен заедно со членот на кланот „Шкаљарците“, Стеван Стаматовиќ, во ресторан во главниот град на Грција, пред очите на многу гости, но и на нивните сопруги и деца.
И тогаш истражителите се сомневаа дека „Шкаљарците“ се лоцирани преку нивните сопруги, кои дошле во Грција да поминат семејни одмори. Вечерата на која биле убиени требало да биде проштална, бидејќи следниот ден сопругите требало да се вратат дома.
Очигледно, тие биле толку внимателни што сопругите и децата се возеле до ресторанот одделно, со такси.
Сепак, убијците веќе го знаеле секој нивен потег. Влегоа во ресторанот, се раширија околу масата и пукаа во „Шкаљарците“, а потоа излегоа надвор и тргнаа со автомобилот што ги чекаше – се присетува соговорникот на „Курир“.