Ние сме Република Македонија и ништо друго, напиша на фејсбук Фил Наумоф, Американец со македонско потекло, кој на изборите во вторник беше избран за судија во округот Ричленд во сојузната држава Охајо.
Тој одговори на поканата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој претходно му честиташе на изборот и го покани во Македонија.
„Ви благодарам за добрите зборови. Би било чест да се сретнам со вас и да разговарам за иднината на нашата сакана Македонија. Мојата личност е тука срцето е таму“, напиша Наумоф.
Во честитката Мицкоски претходно му пиша на Наумоф дека претставува гордост што Македонец се изборил со професионалните предизвици во компетитивно општество какво што е американското.
Наумоф е роден во Торонто, Канада, во 1961 година. Неговиот татко Спиро и мајката Кристина се родени во Македонија. Кога Наумоф имал една година семејството се преселило во Менсфилд, Охајо, а англиски почнал да зборува на шестгодишна возраст.
Таткото на Наумоф, Спиро, е дете бегалец од граѓанската војна во Грција. Тој бил евакуиран од Грција на 10-годишна возраст и пренесен во тогашна Чехословакија. Конечно бил обединет со неговите родители во 1956 година.