Отец Фотије – игуман на манастирот на СПЦ – Девина Вода во Косово е протеран во Македонија, објави „Коссев“.
Отец Фотије чие граѓанско име е Александар Костовски е роден во Скопје во 1981 година, а по завршена музичка академија во Софија во Бугарија, во 2004-тата се замонашил во Косово во Епархијата на Српската православна црква, по што во 2009-тата станал игуман на манастирот во близина на Звечан, во северно Косово.
Информациите се дека тој е протеран откако поднел барање за продолжување на престојувалиштето во Косово. Службите во Приштина го притвориле и со образложение „причини од национална безбедност” му определиле протерување.
Од Рашко-Призренската Епархија во која припаѓа и протераниот свештеник обвинуваат дека косовските власти не се придржувале до Законот за верски слободи и противправно и произволно го протерале отец Фотије додека ги подигнувал веќе одобрените документи за престој.
Свештеникот синоќа со полициска придружба е депортиран преку преминот „Блаце“.